Македонија веќе забележа две победи, против Литванија и против Луксембург, и доколку денеска ги победи Фарските Острови најверојатно ќе обезбеди пласман во полуфиналето
Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија одлично го почна ЕХФ-шампионатот, дивизија Б што се игра во Тбилиси, Грузија. Македонските кадети забележаа две значајни победи во првите две кола против врсниците од Литванија (32-30) и од Луксембург (31-25), и доколку победат и во денешниот меч (11 ч.) против Фарските Острови, а Швајцарија го победи Луксембург, избраниците на Данило Брестовац ќе го заверат пласманот во полуфиналето.
– Со победата над Луксембург завршивме голема работа. Тие имаат четворица играчи што настапуваа за германски екипи, а посебно импонираше десниот бек од Лемго, Димитри Митреа. Презадоволен бев и од нашата игра во која имаше стабилност и контрола во текот на целиот натпревар. Имаме напредок во играта, но допрва доаѓа најтешкото. Нѐ очекува тежок дуел против Фарски Острови, но ние во секој меч одиме на победа. Ја анализиравме нивната игра во претходните два меча, работевме показен тренинг, останува да излеземе на терен, да одиграме добро и да ја заслужиме победата – изјави селекторот Брестовац пред денешниот меч.
Македонските кадети и во двата меча одиграа одлично во одбраната, на чело со голманите Марко Кизиќ и Виктор Василевски, кои бранеа на високо ниво. При реализацијата на нападите, најефикасни беа десното крило Ненад Костески, кој на двата меча постигна 20 и десниот бек Мартин Серафимов со 12 гола.
Фарски Острови во првото коло беа поразени од Луксембург, 26-32, а во вториот меч славеа над Естонија со 31-21. На двата натпревара се истакнаа голманот Паули Јакобсен, централниот бек Елиас Скипаготу (16 гола), десното крило Хакун Ав Теигум (11) и пикерот Сакарис Сакарисон (седум гола).
Двете најдобри екипи во групите А и Б, ќе обезбедат пласман во полуфиналето на шампионатот, а само најдобрата екипа ќе си обезбеди место на ЕП 2020 од дивизијата А.