Се продава првата виртуелна куќа во светот
Современата уметница Криста Ким најави продажба на нејзиниот дизајн на „првиот дигитален дом“, наречен „Марс хаус“, кој ќе биде достапен за купување како НФТ-датотека. Ким, која претходно соработувала со луксузни брендови, како „Ламборгини“, создаде неонска „крипторезиденција“, исполнета со остар модерен мебел и дигитални украси.
Повеќето парчиња во куќата ќе може производители на мебел од стакло во реалниот живот да ги конструираат со помош на технологијата микроЛЕД.
Дизајнот на првата виртуелна куќа ќе биде достапен како НФТ-датотека, која претставува форма на криптовалута како биткоинот (и многу мрежни и услужни токени), но, за разлика од другите, тие меѓусебно не можат да се менуваат.
НФТ, или незаменливи токени, дејствуваат како виртуелни сертификати, кои ви дозволуваат исклучиво да поседувате дигитална ставка, заверена преку блокчејн-технологијата. Токените може да имаат различни формати, вклучувајќи ГИФ, ЈПЕГС, па дури и твитови.
Сѐ повеќе дигитални уметници ги продаваат своите дела користејќи НФТ, а оваа можност ја искористи и дизајнерката на првата дигитална куќа. Според списанието „Аркитектурал дајџест“, во блиска иднина ќе живееме во свет на проширена и виртуелна реалност, дигитална уметност, архитектура, автомобили, мода, домашни миленици итн.