Хрватска
За време на големиот карантин, Хрватите повеќе биле во домашната кујна, но мнозинството граѓани ја задржале истата телесна маса
Задолжителните карантини во текот на пандемијата на коронавирусот и принудната изолација во домовите не влијаеле на промената на секојдневните навики на Хрватите, што се однесува до приготвувањето домашна храна. Наспроти поинаквата перцепција во јавноста, повеќето граѓани за време на ограниченото движење ја задржале истата телесна маса, иако тие сѐ повеќе биле присутни во кујните.
Значителни промени во домашната исхрана нема кај припадниците на двата пола што живеат во континенталниот дел или на хрватското крајбрежје. Истражувањето што било спроведено за прехранбените навики на Хрватите во текот на карантините покажало дека за шест отсто пораснал бројот на граѓаните што се преориентирале на медитеранскиот начин на исхрана, пишува „Слободна Далмација“.
Ова истражување што е спроведено во Хрватска е дел од интернационалниот проект „Ковидиет“, кој е насочен кон проучување на прехранбените навики за време на пандемијата, а во кој учествувале 22 земји, од нив 16 од Европа. Анкетирањето е спроведено на 4.281 граѓанин, од седми април до четврти мај лани. Од нив, 81 отсто биле од женски пол. Со ист процент учествувале испитаниците на возраст од 20 до 50 години, главно од континенталниот дел на Хрватска.
Околу 64 отсто од анкетираните лица имале соодветна телесна маса. Резултатите покажале уште еден позитивен податок од времето на големиот карантин, а тоа е што мнозинството граѓани ги задржале истите или слични прехранбени навики. Сепак, била забележана зголемена консумација на овошје и зеленчук, но и на домашни слатки. Повеќе од 50 отсто од анкетираните лица готвеле почесто од пред воведувањето на карантинот.
– Луѓето што готвеле повеќе јаделе зеленчук, риба и морски плодови во споредба со оние што не готвеле. Резултатите покажале дека помалку се трошеле црвено месо, засладени и газирани пијалоци и алкохол. За време на карантинот луѓето еднакво јаделе пржена храна, а тоа се објаснува дека тие повеќе нарачувала храна од надвор.
Над две третини од граѓаните немале проблем со набавката на храна од продавниците, но се соочувале со тешкотии при набавката на домашно овошје и зеленчук, риба и рибини производи, што се должи на строгите здравствени протоколи на пазарите, како и на затворањето на трговските центри, пишува „Слободна Далмација“.