Грчки полицаец бил сериозно повреден вечерва за време на судир со демонстранти во Атина, кои излегле на улиците во знак на протест против полициското насилство.
Конфликтот се случил во атинската населба Неа Смирни, а полицаецот бил погоден во вратот со факел или камен, поради што неговите колеги формирале круг околу него за да го заштитат додека не пристигне брзата помош и го однеле во болница, објави весникот „Катимерини“.
Според државната телевизија ЕРТ, напаѓачите со качулки фрлале молотови коктели кон полицијата, која одговорила со солзавец.
Во близина на местото на судирот, полицијата пронашла ранец полн со молотови коктели и факели.
Неколку паркирани автомобили се оштетени, а на снимките на социјалните мрежи може да се видат и повеќе запалени контејнери.
Претходно, околу 5.000 луѓе се собраа на главниот плоштад во областа Неа Смирни, каде и изминатиов викенд имаше пресметка со полицијата.
Жителите на Атина излегоа на улиците во знак на протест против инцидент што се случи во неделата, а за кој се појави и снимка на социјалните мрежи на која се гледа како полицаец со палка безмилосно тепа момче.
Полицијата соопшти дека испратиле патрола со мотоцикли на плоштадот Неа Смирни за да проверат дали се почитуваат мерките за контрола на коронавирусот, додавајќи дека добиле голем број извештаи за непочитување на тоа место.
Државното обвинителство во меѓувреме нареди истрага за да се испита дали има основа за поднесување на кривична пријава против полицајците за употреба на прекумерна сила, а и полицијата соопшти дека започнала внатрешна истрага.