Новата верзија на импланти за мрежницата на окото би можела да им обезбеди вештачки вид на слепите лица. Студијата била спроведена од истражувачот Диего Геци, а иновативното решение за имплантите во мрежницата функционира во комбинација со паметни очила што содржат камера и микрокомпјутер, а исто така се користат и електроди што ги стимулираат клетките на мрежницата. Начинот на кој функционира сето ова е многу генијален.
Камерата во паметните очила ја доловува околината и испраќа податоци до микрокомпјутер, лоциран во внатрешноста на очилата, а тој микрокомпјутер ги претвора податоците во светлосни сигнали. Електродите во имплантот потоа ги користат овие светлосни сигнали за стимулирање на мрежницата. Лицето на крајот гледа црно-бела верзија на сликата составена од точки на светлина.
– Тоа е како кога ќе ги погледнете ѕвездите на ноќното небо, да научите да препознавате специфични соѕвездија. Слепите лица би виделе нешто слично на нашиот систем – вели Геци за „Сај тек дејли“

Истражувањето почнало во 2015 година, а технологијата допрва треба да се тестира на луѓе, затоа што добивањето лекарско одобрување трае многу време. Меѓутоа, научниците создадоа програма на виртуелна реалност (ВР), која симулира и прикажува што би гледале слепите лица со помош на имплантите. Новите импланти содржат дури 15.000 електроди.
– Не бевме сигурни дали тоа ќе бидат премногу или премалку електроди. Сè уште не сме го утврдиле бројот што ќе одговара за репродуцираната слика да биде соодветна, односно точките да бидат доволно оддалечени за да можат пациентите да ги разликуваат една од друга. Исто така, тие мора да бидат во доволен број за да биде овозможена соодветна резолуција на сликата – додава Геци.
Досега, ВР-програмата покажала дека 15.000 електроди се идеален број за да се создаде слика.