Организаторите за „Евровизија 2021“ го избраа планот Б
Натпреварот за избор на „Песна на Евровизија“, кој ќе се одржи во холандскиот град Ротердам во мај, поради пандeмијата на коронавирусот ќе биде со ограничувања и примена на епидемиолошки мерки, соопштија организаторите. Тие дополнија дека по долго размислување и разгледување на сите околности, решиле да го применат планот Б.
Тоа значи дека некои настапи ќе бидат во живо пред ограничен број публика и физичка дистанца меѓу луѓето во салата, а некои земји ќе можат да испратат снимки од настапите на нивните претставници.
Евровизиските делегации на земјите-учеснички ќе бидат бројно ограничени, како и бројот на акредитирани новинари. Ќе можат да присуствуваат 500 новинари на годинашната „Евровизија“, а 1.000 ќе го следат фестивалот преку дигиталниот прес-центар.
– „Евровизија 2021“ сигурно ќе се случи, но не онака како што сме навикнале досега – изјави Мартин Остердал, извршен супервизор на фестивалот.
Холандија стана домаќин на 65-то издание на „Евровизија“, кое преку телевизија го следат над 200 милиони гледачи во целиот свет, откако Холанѓанецот Данкан Лоренс победи на фестивалот во 2019 година, во Тел Авив, Израел, со песната „Arcade“.
Лани „Евровизија“ не се одржа поради пандемијата, а годинава, и покрај сѐ, организаторите дадоа зелено светло.
Двете полуфинални вечери ќе бидат на 18 и на 20 мај, а финалето е на 22 мај. На изборот ќе учествуваат претставници на 41 држава. Организаторите уште во октомври најавија дека разгледуваат четири фестивалски сценарија во ротердамската арена „Ахој“, од релативно нормален избор со илјадници луѓе во публиката, до оној со ограничен број публика или без луѓе во салата. Избран е планот Б, според кој, ќе има намален број луѓе, а организаторите веќе најавија дека ќе им ги вратат парите за влезници на оние што нема да присуствуваат.
Македонскиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев, на 11 март ќе ја претстави песната „Here I stand“ што ќе ја испее на фестивалската сцена во Ротердам во мај.