Oсновниот кривичен суд Скопје денеска ќе ја соопшти пресудата за случајот „Таргет- Тврдина“ кој се однесува за нелегалното прислушување за кое обвинети се 12 лица.
Се очекува поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков денеска да биде присутен на изрекувањето на пресудата.
Десетици полицајци се распоредени околу Кривичниот суд, непосредно пред спроводот на обвинетиот Мијалков од куќен притвор. Речиси сите полицајци го обезбедуваат просторот позади судот, на улицата од каде поминуваат возилата со кои Мијалков ќе биде донесен. Освен униформирани полицајци, има и цивили.
Обвинителката Ленче Ристоска во завршните зборови изјави дека Обвинителството успеало да докаже дека обвинетите ги извршиле делата за кои се товарат.
Во предметот „Таргет-Тврдина“, обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.