Министерството за здравство информира дека 453 здравствени работници кои работат во ковид – центрите се вакцинирале со вакцината од производителот „Фајзер“ во изминатите два дена.
Од МЗ потсетуваат дека кон крајот на месецот во нашата земја се очекува да стигне и вакцината на кинескиот производител „Синофарм“, од каде во директни преговори купени се 200.000 вакцини против ковид-19.
Министерството за здравство информира дека Македонија преку Ковакс механизмот има обезбедено 833.000 дози вакцини, а правата испорака која ќе пристигне во нашата земја ќе биде со вакцината „Астра зенека“, од која првата количина е планирано да стиген во март.
– Од оваа вакцина за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината. Во правата испорака на „Ковакс“ механизмот за вакцини „Фајзер“ вклучени се само 18 земји, а не се вклучени земјите кои почнале сопствени програми за вакцинација против ковид-19 – велат од МЗ.
Министерството за здравство апелира дека сите вакцини кои се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните.
Во меѓувреме тече пријавувањето на веб-страницата „вакцинација.мк“, како и преку матичен лекар за сите граѓани над 70-годишна возраст за кои вакцинацијата започнува веднаш после здравствените работници опфатени во правта фаза. Досега на веб – страницата 58.500 граѓани изразиле желба за вакцинација, а преку матичен лекар 32.917 граѓани над 70-годишна возраст.