Собни билки што го чистат воздухот
Има голем број видови билки што се исклучително отпорни и не бараат многу внимание, кои може да преживеат повеќе од една недела без полевање и не бараат многу светлина, а ефикасно го прочистуваат воздухот. Сабја, сансевиерија или јазик на свекрвата, како што уште се нарекува, е тропско растение што може да преживее речиси во сите услови.
Златниот ползавец или ѓаволски бршлен стана популарен поради лесното одгледување, меѓутоа во последно време неговото поволно влијание врз здравјето станува сѐ поизразено. Имено, тој може да го отстрани формалдехидот од воздухот, како и други штетни хемикалии.
Замијата или замиокулка, според фенгшуи, му носи среќа, пари и благосостојба на сопственикот во сите полиња од животот. Успева во потемни или средно осветлени делови од домот, а доволно е да се полева еднаш на секои две недели.
За разлика од другите видови папрати, овој гнездест папрат нема расфрлани лисја и е многу полесен за одржување. Не бара многу светлина и доволно е да се полева еднаш неделно, односно кога почвата во садот е половина сува.
Филадендронот е едно од најотпорните украсни домашни растенија и се нарекува и крал на цвеќињата во саксии. Филадендронот ја збогатува просторијата со негативни јони и го чисти воздухот од многу токсини, вклучувајќи го и формалдехидот.