Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би сакал да се сретне со иранските лидери без предуслови, за да разговараат за тоа како да ги подобрат односите откако тој ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор.
– Ако сакаат да се сретнеме, ќе се сретнеме – порача Трамп.
Прашан на прес-конференција во Белата куќа дали сака да се сретне со иранскиот претседател Хасан Рохани, Трамп одговори дека би се сретнал со секого.
– Верувам во средби, особено во случаи кога влогот е војна. Несомнено би се сретнал со Иран, ако тие сакаат да се сретнеме – додаде американскиот претседател, истакнувајќи дека не би поставувал предуслови.
Од друга страна, Трамп порача дека Вашингтон нема да ги укине санкциите кон Русија. Според него, статусот на санкциите нема да се менува и покрај барањата на Русија. Трамп упати и критики кон Германија поради што прифатила да се користи рускиот Северен поток.