Ова е ден на Америка, ден на демократија. Денес го славиме триумфот не на кандидатот, туку на пораката. Се слушна волјата на народот, надвладеа демократијата, порача новиот претседател на САД, Џо Бајден на инаугурацијата. Тој вечерва положи заклетва, со што стана новиот претсдетал на САД. Претходно положи заклетва и Камала Харис, која стана првата жена потпретседател во историјата на САД.
– Тука, каде насилството се обиде да преовлада пред неколку недели, победи демократијата, порача Бајден.
Според него, многу работи треба да се направат и многу работи треба да се поправат. – Вирусот однесе повеќе американски животи за една година отколку целата Втора светска војна. Економијата е во криза, изгубени се милиони работни места – порача тој.
– Ние мора да се бориме против домашниот тероризам, супрематизмот на белите … Мојата душа е целосно посветена на обединување на нашиот народ, во обединување на нашата Америка, во борба против целиот екстремизам. Знам дека силите што се обидуваат да не разделат се вистински и силни. Но, знам дека нашата нација отсекогаш била пред искушение, битката е вечна и победата никогаш не е сигурна. Но, нашите „подобри ангели“ отсекогаш победувале. Можеме тоа да го направиме и сега, заедно. Можеме да се гледаме едни со други не како противници, туку како соседи – додаде тој.
Според Бајден, без единство нема нација, само состојба на хаос.
Летовите за Вашингтон беа прекинати се додека Бајден не положи заклетва. Ова е прва церемонија во поновата историја на која не присуствуваа претседателот и првата дама во заминување.
Бајден положи заклетва како 46-ти претседател на САД. За разлика од претходните церемонии, традиционални говори и настапи, годинава инаугурацијата поради пандемијата со ковид-19 и безбедносните предизвици, се одржа пред пред мала и физички оддалечена публика, со заштитни маски и во буквално затворен град, со огромни присуство на полицијата.