Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, во интервју за БТВ рече дека Македонија можно е уште долго да чека за влез во Европската Унија.
– Доколку Македонија продолжи да се однесува како ментор на Бугарија и како земја која ги определува условите, уште долго време ќе чека за влез во Европската Унија – изјави Каракачанов.
Според него, Бугарија има право да бара од земјите кандидати за членство во Унијата да ги почитуваат условите, а во таа насока Каракачанов укажа на бугарската национална безбедност.
Рече дека Скопје води инает и има претензии за бугарската историја.
– Не може да не им се извиниш на оние луѓе што си ги убивал и тормозел десетици години, само затоа што биле Бугари и да кажеш: ‘ама ние имаме идентитет со векови’ – вели Каракачанов.
Тој додаде дека македонскиот идентитет во 1944 година бил создаден со насилства, убиства и репресии кон Бугарите.