Руската затворска управа (ФСИН) му постави ултиматум на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, да се врати во Русија од Германија и да се јави во канцеларијата во Москва до вторник наутро или ќе издржува затворска казна.
ФСИН го обвини Навални за кршење на условната казна што сè уште ја издржува поради пресуда од 2014 година и за заобиколување на надзорот на руските власти. Управата се повикува на напис од британското медицинско списание „Лансет“ за неговото лекување, во кое се наведува дека Навални бил пуштен од берлинската болница на 20 септември и дека сите симптоми на труење исчезнале на 12 октомври.
„Овој осуденик не ги исполнува сите судски обврски и избегнува надзор на кривичниот инспекторат“, тврди руската институција.
Навални издржува условна казна од три и пол години за случај со измама за кој тврди дека е политички прогон.
ФСИН соопшти дека го повикала Навални да се јави кај властите и дека условната казна може да стане затворска казна доколку ги прекрши условите на пресудата.
Институцијата не даде рок, но Навални објави порака добиена од неговиот адвокат, во која се вели дека тој мора да се пријави во Москва до вторник до 9 часот наутро.
Навални, еден од водечките критичари на рускиот претседател Владимир Путин, беше пренесен во Германија на лекување во август, откако му се слоши на летот помеѓу два руски града. Лекарите во Германија утврдија дека тој бил отруен со отровот „новичок“.
Русија тврди дека нема докази дека Навални е отруен и негира дека е поврзана со тој чин.