Познатиот косовски активист и долгогодишен политички затвореник во времето на поранешна Југославија, Адем Демачи, почина попладнево во Приштина на 82-годишна возраст, јави дописникот на МИА од Приштина.
Веста за смртта на Демачи, кого многумина го нарекуваа „косовски Нелсон Мандела“ поради 28-те години минати во југословенските затвори заради политички активности и убедувања, на попладневната седница на косовското Собрание ја објави собранискиот потпретседател Џавит Халити.
– Почина нашиот учител, човекот кој помина 28 години од својот живот низ српските зандани. Тој нè напушти, но неговото дело ќе остане да се памети за век и веков – рече Халити, кој ги повика пратениците да му оддадат почит на Демачи со едноминутен молк.
Откако беше пуштен од затвор во 1990 година, Демачи беше активен во неколку политички партии, а беше и политички претставник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за време на војната во 1998-99 година.