Состојбата во економијата е малку поповолна од првиот квартал, смета советот на Народната банка на Република Македонија. Од НБРМ истакнаа дека по олабавувањето на монетарнaта политика кон крајот на првото тримесечје, основната каматна стапка остана непромената, таа и понатаму е 3 проценти.
– На девизниот пазар, и во текот на вториот квартал од годинава, движењата беа поволни, при што НБРМ и натаму интервенира со нето-откуп на девизи од банките поддржувачки. Девизните резерви и во второто тримесечје остварија пораст и според сите показатели за адекватност, тие и натаму се одржуваат во сигурната зона. Поволни поместувања се забележани и кај депозитната база на банките, која и во овој период забрзано расте – соопшти НБРМ.
Во однос на изворите на ризици, поголеми промени во споредба со априлските согледувања не се констатирани. Сепак, ризиците од надворешното опкружување беа оценети како малку понеповолни, главно поради неизвесноста околу ефектите врз глобалниот економски пораст од сѐ поголемиот трговски протекционизам и засилениот пораст на цените на нафтата на светските берзи. Ризиците поврзани со домашното опкружување беа оценети како помалку изразени во однос на претходниот период.
– Споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика во рамките на априлскиот циклус проекции покажа извесни отстапувања. Ова, пред сè, се однесува на економската активност, со оглед на првичните податоци за БДП во првиот квартал на 2018 година. Но истовремено беше истакнато и дека иако расположливите податоци за вториот квартал не се многубројни и наедно се дивергентни, главно упатуваат на малку поповолна состојба во економијата во споредба со првиот квартал – беше заклучено на седницата што ја одржа Советот на НБРМ во текот на вчерашниот ден.
Од НБРМ додаваат дека во периодот април-јуни годинава, стапката на инфлација изнесувала 1,5 отсто, во просек, на годишна основа, во најголем дел како резултат на порастот на базичната инфлација, но позитивен придонес имаа и прехранбената и енергетската компонента. Во извештајот е забележано дека инфлацијата во второто тримесечје од годинава е под очекуваната за кварталот во рамките на априлската проекција, што заедно со нагорната ревизија на очекувањата за увозните цени упатува на урамнотежени ризици за проектираната инфлација за 2018 година.
Во текот на вториот квартал, кредитната активност на банкарскиот сектор оствари пораст, при што поголем придонес кон порастот на активноста на кредитниот пазар имаше секторот „домаќинства“. Но и кредитирањето на корпоративниот сектор се оценува како солидно.
На седницата беше заклучено дека, и покрај тоа што последните макроекономски показатели и оцени во одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, тие не предизвикуваат промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. Се очекува домашната економија дека и натаму ќе биде поддржана од кредитната активност на банките, во отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција, која ќе овозможи одржување на девизните резерви во сигурната зона.