ОТЧЕТ ПРЕД ЈАВНОСТА ЗА 100 ДЕНА ВЛАДА
Во согласност со сѐ уште ненадминатите пандемиски предизвици, Владата вчера даде отчет пред јавноста за првите 100 дена од мандатот преку онлајн конференциска врска. Покрај премиерот Зоран Заев, свое излагање на прес-конференцијата имаа и вицепремиерите: Артан Груби, Љупчо Николовски и Никола Димитров. Како првична поента во излагањето, премиерот Заев најави дека Владата ќе продолжи со градење европски стандарди, целосно посветена на разговорите со соседна Бугарија до постигнување решение. Сепак, тој оцени и дека најголем предизвик во овие сто дена на Владата е пандемијата, при што сите ресори со целосна посветеност се ставени во функција на здравјето на граѓаните. Тој најави дека Владата ќе продолжи со градење европски стандарди, целосно посветена на разговорите со соседна Бугарија до постигнување решение.
– Но без разлика на исходот од преговорите, ние остануваме во партнерство и заедно со преостанатите партнери од ЕУ ќе го донесеме најдоброто од Европа дома – поентира на крајот од отчетот за 100 дена влада премиерот Зоран Заев.
Голема беше заинтересираноста на новинарите за одговори од Владата за прашања што се наметнаа во јавноста во изминативе сто дена. Се поставуваа прашања од речиси секој сегмент на излагањето: за економските мерки за надминување на кризата од пандемијата, здравствените предизвици – пред сѐ за вакцината против ковид-19, судството, владеењето на правото итн.
На прашањето на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ за тоа дали се размислува за некаква македонска антивето-стратегија, односно за јасен и заеднички институционален одговор на сите закани, притисоци и уцени што доаѓаат однадвор со донесување некој документ или резолуција со која ќе се заштитат македонските национални интереси и идентитетски прашања премиерот Заев го даде следниот одговор.
– Немаме намера да отвораме прашања во Собранието, за кои постои општ консензус и потврдена меѓуетничка кохезија. Тоа се прашања за кои не се разговара и преговара: идентитет, јазик, национална посебност… Кога би отишле во парламент да го потврдуваме тоа, самите би си ја самоповредиле честа. Тоа е нешто за што немаме дилема ниту дома, ниту очекуваме да ја има светот. Ние сме со своја лична карта – Македонци со македонски јазик. Нашите сограѓани се со незагрозен идентитет: Албанци со албански јазик, Турци со турски јазик, Срби со српски јазик, Бошњаци со босански јазик, Роми со ромски јазик, Власи со влашки јазик… Тоа е правото на самоидентификација и самоопределување. Ако навлеземе да дискутираме за такви работи во парламентот, тоа би било, најблаго кажано – несоодветно. Тоа би било понижувачки.
Ако мислите на некои други мерки против Бугарија или слично – не, нема да преземаме. Ние сме убедени дека на големи проблеми се наоѓаат решенија, а не на вакви пред кои сме соочени. Проблемот е навистина нелогичен. Но сигурно дека е решлив и продолжуваме да наоѓаме решенија.
Ако третиот дел на прашањето алудираше на алтернатива на Европската Унија – не, не постои друга алтернатива, освен полноправно членство со ЕУ, преку европеизација на државата, која како квалитатив е она што ни треба. Не само членство, како само членство, туку европеизација. Можеме да наоѓаме решенија за загубени месеци, ако ги има. Дај боже да ги нема. Годината сѐ уште не е завршена. Можеме да побараме поддршка од една Холандија за владеење на правото и сето тоа што е предвидено во поглавјата 23 и 24, за сите слободи и човекови права. Или една Естонија, па дури и Грција сега може да ни помогне со дигитализацијата, како земји-членки на ЕУ. Или како Германија, како што ни помага сега преку советникот Дефа, кој веќе работи овде. Или соработката на економски план, како преку стопанските комори, македонско-германската комора… за сите оние економски трансформации на државата.
Нашата земја, во изминативе 15 години, голем дел од законодавството го има преадаптирано. Тоа е наша предност, која немаме намера да ја изгубиме. Но дефинитивно, патот на пријателството, патот на наоѓање решенија е европскиот пат. Ние покажавме европски вредности и европски манири, од секој можен аспект. Држевме лекции на западноевропски земји, со нашиот европски однос. Заслужуваме да го чекориме истиот пат, кој го чекореле Бугарија, Романија, Хрватска, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка… Тоа е патот. Со новата методологија што е усвоена веруваме дека имаме фер шанса да покажеме дека заслужуваме да бидеме полноправна членка на Европската Унија – одговори премиерот Зоран Заев, на прашањето на „Нова Македонија“.