Од утре, 15 декември во 16 часот, па сѐ до февруари следната година, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Сета љубов (All the Love)“. Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова.
Музејот е отворен од 10 часот за посетители секој ден, освен понеделник, но поради специфичноста на изложените дела, кураторките сугерираат дека поставката е најдобро да се погледне меѓу 16 и 20 часот, освен недела кога музејот работи до 13 часот.
Поставката ќе се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.
Во рамки на изложбата со свои дела, уметнички инсталации и видеа, ќе се претстават 11 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот како Тејт, Бобур, Гугенхајм, Мома Њујорк…
Ќе бидат претставени дела од Кети Чукров (Русија), Хедер Дјуи Хагборг (САД), Коко Фуско (Куба), Карлос Мота (Колумбија), Ширин Нешат (Иран), Агњешка Полска (Полска), Рена Редл и Владан Јеремиќ (Србија), Нора Турато (Хрватска) како и македонските уметници Велимир Жерновски и Никола Узуновски.
– Една од целите на МСУ Скопје е активно да соработува и изложува автори кои денес можат да се видат во сите водечки уметнички центри низ светот и кои се предводници на актуелната уметничка сцена по прашања кои отвораат ангажирани тематики. Темата на која се фокусиравме е особено важна затоа што е поврзана со денешните состојби на несигурност и истовремено бара начини преку различни уметнички медиуми да нè воведе во доживувањето на различното, односно нè насочува кон идејата дека светот може да се доживее од аголот на разновидноста, од перспективата на другиот. Дискурсот за љубовта, почнувајќи од авангардната и радикална политика од минатиот век, е во центарот на политичките и социјалните промени поттикнати од женските права, правата на ЛГБТ заедницата, различните начини на борби на граѓанското општество. Оттука изложбата се фокусира на дела кои ја манифестираат нејзината способност да се пробие низ најсилните спротивставувања и радикалните поделби“, вели кураторскиот тим. Изложбата „Сета љубов“ ги анализира состојбите на единство и солидарност во локалниот и глобалниот капиталистички контекст. Целта на изложбата е низ анализа на конкретни уметнички практики, да ги истражи етиката, естетиката и политиката на љубов како радикализам. Поаѓајќи од идејата дека капитализмот неизбежно наметнува потреба од фокусирање на себството (идентитетот), изложбата ги покренува прашањата за можностите на свет создаден и доживеан од перспектива на разликите, а не од перспектива на идентитетот. Од друга страна, додека љубовта се определува преку двојството, политиката се манифестира преку колективното. Следејќи ја дефиницијата според која политиката е колективна, единствениот начин да се воспостави значајна врска меѓу политиката и љубовта е да се размисли за тоа како заедничкиот поредок ќе ја преиспита љубовта и ќе овозможи таа да се создава на нови начини што капитализмот ги оневозможува. Оттука, изложбата покренува прашања во врска со можните изводливи и позитивни алтернативи на дејствување од доменот на заедничкото, на теренот помеѓу политичкото и приватното, со нови видови организации, структури и заедници. Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Еуролинк осигурување. Голема благодарност до Музеј на Македонската борба.
Дизајн на постер: Илијана Петрушевска