Најпогодена е Европа, каде што беснеат пожари во неколку земји, од северот до југот на континентот. Шведска веќе со денови се бори со шумски пожари, а рекордно високи температури за овој период од годината се регистрирани и во Норвешка и во Британија. Од друга страна, и Јапонија никако да се „ослободи“ од големите горештини, кои во изминатите две недели однесоа над 80 животи

Повеќе стотици загинати и уште многу повеќе повредени лица е билансот од временските непогоди, проследени со поплави и големи пожари, кои зафатија повеќе земји на неколку континенти. Светските медиуми пренесуваат драматични снимки од пожарите околу грчката престолнина Атина, во кои животот го загубија над 50 лица, а речиси двесте се повредени. Истовремено, топлотниот бран, кој предизвика големи проблеми во Грција, погоди и неколку држави од Северна Европа. Па, така, Шведска веќе со денови се бори со шумски пожари, а рекордно високи температури за овој период од годината се регистрирани и во Норвешка и во Британија. Од друга страна, и Јапонија никако да се „ослободи“ од големите горештини, кои во изминатите две недели однесоа над 80 животи.

Франс прес јавува дека на северот од Европа, нордиските и балтичките земји, од Осло до Рига, веќе неколку недели се борат со сушата и топлотниот бран. Во овој дел на Стариот Континент пожарите се присутни на пасиштата, додека, пак, намалено е и нивото на големите езера. Финска исто така е погодена од суша, а помали шумски пожари се регистрирани во близината на границата со Русија. Покрај тоа, шведските власти со денови се обидуваат да се изборат со огнените стихии. Директорката на Шведската цивилна агенција за вонредни состојби, која ја координира борбата против пожарите, Брита Рамберг, изјави дека ризикот од нови пожари е особено голем во јужниот дел на Шведска. Според Рамберг, засега нема извештаи за загинати или повредени лица.

И во Британија е регистрирана рекордно висока температура, предизвикана од повеќенеделниот топлотен бран, а британските служби издадоа предупредување до населението да се засолни од сонце доколку е можно тоа. Покрај тоа, неколку области во Англија се повеќе од 55 дена по ред без значителни врнежи на дожд.
– Ова е најсувата прва половина од летото по 1961 година. За Британија како целина, сведоци сме само на 20 отсто од врнежите, кои нормално би ги очекувале во текот на целото лето. Во делови од јужна Англија се забележани само шест отсто од вообичаеното количество врнежи – соопшти британската метеоролошка служба.
Поради големата суша, во одредени делови на земјата е воведена привремена забрана на користење црева за наводнување, затворени се каналите, а предизвикани се и големи проблеми за земјоделството и сточарството. Националната унија на фармерите предупреди дека насадите се пеплосани од сонцето, а одгледувачите на стока мора да ги користат зимските резерви, бидејќи тревата прекинала да расте.

Од другата страна на светот, во Азија, исто така се регистрирани големи топлотни бранови, додека во некои азиски земји поројните дождови и невремето предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето. Па, така, топлотниот бран со висока влага во изминатите две недели однесе над 80 животи во Јапонија, додека, пак, поради големите горештини околу 35.000 лица побарале лекарска помош или биле хоспитализирани. Јапонската агенција за вонредна состојба соопшти дека во изминатите недели се регистрирани температури помеѓу 35 и 40 Целзиусови степени, проследени со влага од околу 80 отсто. Метеоролошката служба на Јапонија наведе дека станува збор за топлотен бран без преседан и дека може да се смета за природна катастрофа.

И додека голем број земји се соочуваат со големи горештини и суша, Виетнам се обидува да се справи со повеќето поплави и лизгање на земјиштето, кои беа предизвикани од тропската бура и поројните дождови во северниот дел на земјата. Виетнамските власти соопштија дека најмалку 27 лица загинале во поплавите, додека, пак, седум лица и натаму се водат за исчезнати. Најпогодена е планинската провинција Јен Баи, во која загинаа најмалку 13 лица, а над 20 се повредени. Во поплавите се уништени над 12.000 куќи, повеќе од 90.000 хектари обработлива земја, претежно оризови полиња. Владината агенција за вонредни ситуации апелира до локалните жители да бидат внимателни поради можните нови поплави и лизгање на земјиштето, бидејќи и во наредните денови се очекуваат поројни дождови.


Се урна брана во Лаос, водата однесе шест села

Стотици лица се водат како исчезнати откако се урна брана во источниот дел на Лаос, а локалната државна телевизија информира дека не се знае бројот на загинати лица. Браната во провинцијата Атапе се урнала синоќа, а водата поплавила шест села.
– Водата однела неколку животи, додека неколку стотици луѓе се водат како исчезнати – јави локалната новинска агенција.
Поради уривањето на браната, 6.000 луѓе останале без своите домови.


Што го предизвикува жешкиот бран од Алжир до Арктикот?

Северната хемисфера трпи превисоки температури, а климатските промени не се единствена причина, пишува „Гардијан“.
Според весникот, на северниот дел од планетата топлотните бранови станаа вообичаена појава, предизвикувајќи десетици смртни случаи, пожари и суша. Ширум северната хемисфера во Северна Америка, на Арктикот, Северна Европа и Африка се регистрирани рекордно високи температури. Метеоролошката станица во Алжир регистрира во Сахара температура од 51,3 Целзиусов степен, што е највисока во историјата на Африка.

Научниците наведуваат дека оваа година на Земјата се совпаднаа фактори што се толку моќни и ја надминуваат силата дури и на климатските промени. Сепак, и понатаму не е јасно зошто толку локации на северната полутопка се зафатени од такво време. Голем број научници укажуваат на низа фактори поврзани со глобалното загревање, но други предупредуваат дека постои нешто поголемо.

Еден од тие фактори е струјно движење, јадро на силни ветрови на осум до 11 километри над површината на Земјата, кои дуваат од запад кон исток и управуваат со временските услови во светот. Понекогаш кога се интензивни тие ветрови носат бури, а кога се слаби носат мирни денови, и тоа се случува моментно. Други фактори што создаваат метеоролошки услови и кои предизвикале вакви жештини опфаќаат значајни промени на температурата на површината на морето во северен Атлантик.