Нема никакви гаранции дека ќе влеземе во Европската Унија. Целиот процес може да трае околу една или повеќе децении, а можеби повторно некој ќе приложи вето и ќе нѐ блокира. Не треба да ја отфрлиме и можноста од распаѓање на Европската Унија, со оглед на противречностите што постојат во неа. Од друга страна, членството во ЕУ не гарантира дека народот ќе живее подобро! И што сме постигнале? Ништо! Како се доведовме во оваа состојба?

ИМПРОВИЗАЦИИ НАМЕСТО СТРАТЕГИЈА И ОСМИСЛЕН ПРИСТАП

Можеме бесконечно и со фанфари да разгласуваме дека машки сме издржале пред притисоците на Бугарија, но вистината гласи дека бугарската држава нѐ победи. На крајот на краиштата, бугарското вето ја проблематизира нашата интеграција во Европската Унија. Бугарија стана земја-членка на НАТО и на ЕУ пред Македонија, имаше стратегија и осмислен пристап! Можеме да ги навредуваме Екатерина Захариева или Бојко Борисов, меѓутоа тие ја остварија својата цел, затоа што бугарското општество е обединето и постои консензус за македонското прашање! Ние како општество немаме стратегија за ниту едно суштинско прашање и секогаш кога се соочуваме со проблем од национален карактер, ние импровизираме. Но со импровизирање не се гради држава, затоа што импровизацијата води кон привременост.
Затоа не треба да се зачудиме кога еден ден европските емисари ќе нѐ повикаат да седнеме на маса со Бугарија за да ги решиме меѓусебните „недоразбирања“, затоа што компромисот бил европско однесување.

По бугарското вето, постојат две опции. Да капитулираме и да прифатиме дека сме вештачка нација што е создадена во 1944 година, затоа што „ако“ влеземе во ЕУ, народот „ќе“ живее подобро. Но тоа „ако“ и „ќе“ се лаконски зборови. Кога македонскиот крал Филип Втори го освоил Пелопонез испратил заканувачка порака до Спарта што гласела: „Ве советувам да се покорите без понатамошно одложување, бидејќи ако ја испратам мојата армија во вашата земја, таа ќе ги уништи вашите фарми, ќе го убие вашиот народ и ќе го разори вашиот град.“ Спартанците не би биле Спартанци ако не одговореле во лаконски дух само со еден збор: „Ако.“
Нема никакви гаранции дека ќе влеземе во Европската Унија. Целиот процес може да трае околу една или повеќе децении, а можеби повторно некој ќе приложи вето и ќе нѐ блокира. Не треба да ја отфрлиме и можноста од распаѓање на Европска Унија, со оглед на противречностите што постојат во неа. Од друга страна, членството во ЕУ не гарантира дека народот ќе живее подобро! И што сме постигнале? Ништо! Како се доведовме во оваа состојба?
Доколку ние како држава први се интегриравме во ЕУ, немаше да ги имаме „недоразбирањата“ со Бугарија! Можеме да се жалиме дека ние сме мала држава, со мало население, дека немаме доволно ресурси и така до бесконечност, но тоа не е оправдание. Само погледнете го Сингапур. Кога во 1967 година беше создадено Здружението на нации од Југоисточна Азија, познато како АСЕАН, Сингапур беше една од најсиромашните држави во оваа организација. Но Сингапур денес не само што се наоѓа на чело на АСЕАН туку е и една од најбогатите и најразвиени држави во светот.

Сингапурската држава речиси нема природни ресурси, а во своите почетоци сингапурското општество беше принудено основните потреби за вода и храна да ги задоволува исклучиво со увоз. Замислете, Сингапур нема сопствени извори на пивка вода, а обработливото земјиште зафаќа околу 20 отсто! Недостигот од природни ресурси не ги обесхрабри Сингапурците. Денес околу 40 отсто од потребите за вода на населението се задоволуваат со мелиорација и рециклирање на водата, замислете од нула отсто достигнале 40 отсто, од ништо нешто.
Сосема е нормално да се запрашаме како успеа Сингапур да стане една од најбогатите и најразвиени држави во светот. Одговорот е многу едноставен. Сингапур е држава во вистинска смисла на зборот и сите првични стремежи на сингапурската политичко-општествена елита беа насочени кон тој правец. Затоа денес во сингапурското општество – корупцијата не постои, а правниот поредок е беспрекорен. Сингапур не е совршено општество. Во оваа азиска држава постои најголемиот јаз помеѓу богатите и сиромашните, сингапурското општество е елитистичко, премиерот зема плата од околу милион долари итн., меѓутоа невработеност речиси не постои, секој сингапурски граѓанин има бесплатно образование, бесплатно здравство, обезбедено домување од страна на државата, компаниите секогаш имаат партнерски односи со Владата за своите потреби и проблеми итн.

Може некој да ни противречи дека сингапурското општество има поинаква култура и дека тука лежат темелите на сингапурското чудо, но човековата природа е една и единствена, без разлика дали човекот живее во Европа или во Азија. Ниедна култура не е неменлива, можеби е потребно време, меѓутоа таа не е дадена еднаш засекогаш. Можеби не можеме да го копираме Сингапур, но можеме да ја научиме следната лекција – сингапурската елита имаше стратегија за саморазвој и постоеше консензус во носењето на одлуките за иднината на државата.
И тука лежи нашата втора опција – преобразба на Македонија во модерна држава. Но нашето општество е како коњите на Платон, едниот влече нагоре, а другиот надолу. Ниедна влада, без разлика дали доаѓа од левицата или десницата, не може сама да ги спроведе суштинските реформи. Затоа „стопати“ досега европските емисари ни повторија дека е потребен внатрешен консензус за клучните прашања. Нивните пораки не се случајни, затоа што ја увидоа нашата најголема слабост.
Само со обединување на политичко-општествените сили можеме да изградиме држава во вистинска смисла на зборот и да го видоизмениме македонското општество.

За да се случи тоа, потребен е внатрешен дијалог, потребни се консултации на релациите влада – опозиција, влада – интелектуалци, влада – бизнисмени, влада – земјоделци и така до бесконечност. Дијалогот е потребен за да се слушнат потребите на сите чинители во општеството и за да се создаде една развојна стратегија врз принципот на внатрешен консензус. Од обединувањето на македонското општество зависи иднината на нашата држава, а не од членувањето во некоја меѓународна организација. Треба да имаме предвид дека нашата судбина зависи од самите нас, од добрите односи помеѓу Владата и опозицијата, доброто образование, непостоењето на корупцијата и клиентелизмот, од добрите релации помеѓу политичката елита и бизнис-секторот што има свои потреби, од владеењето на правото, добрата администрација, од нашата работна етика, исполнителноста во задачите и така до бесконечност.
За една или повеќе децении, „ако“ Европската Унија нѐ покани да станеме нејзина членка, ќе бидеме во можност да одговориме дека „ќе“ размислиме.