КИСЕЛА ВОДА

Дом на културата добија жителите на Општина Драчево. Во новиот објект, жителите од селото и населбата Драчево, а и сите граѓани од Скопје и од државата, во домот на културата и во киното ќе имаат можност во современи услови да следат филмови и театарски претстави, да прават промоции на книги и изложби на уметнички дела, да организираат и да следат културни манифестации, да организираат саем на книгата.
Покрај овие големи придобивки за граѓаните, во домот на културата ќе биде сместена подрачна канцеларија на Управата за водење матични книги, ќе се вадат изводи и државјанства, а ќе се склучуваат и бракови.
Вкупната површина на објектот е 1.185 квадратни метри и има 171 седиште. Приземјето е на 735 квадратни метри, додека првиот кат е на површина од 450 квадратни метри. Изградбата на домот ја чинеше општината безмалку 40 милиони денари. Дел од парите даде Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.