Политичките аналитичари со кои се консултиравме носат силен впечаток дека иднината на регионот навистина лежи во изградба на ефикасни механизми за соработка меѓу соседните држави. Имено, според нив, малите земји како нашите сѐ уште немаат конкретни модели на прекугранична соработка што ќе се ефектуира на повеќе нивоа: од оној модел на соработка на локалните самоуправи, наречени еврорегиони, па до повисоките нивоа на регионална и државна соработка. Трансграничната соработка во рамките на еврорегионите (поврзување на локалните самоуправи), од нивното искуство функционира многу добро во областа на здравството, трговијата и стопанството, земјоделството, локалната инфраструктура… Но, најпрвин, апсолутен услов е посилните држави да се ослободат од анахрониот хегемонизам и нивните асимилаторски политики
Каков мал шенген замислуваат балканските лидери, а каков би сакале граѓаните во регионот
Колку малиот шенген е добро решение и меѓународен механизам за справување со економската и здравствената криза што ја донесе пандемијата на ковид-19. Како е замислен овој концепт на поврзување од страна на регионалните лидери, а што очекуваат граѓаните од регионот? Овие прашања станаа актуелни во домашната јавност неделава, по заедничката видеоконференција на регионалниот форум за млади лидери, на која присуствуваа и премиерот Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама.
Во сублимиран заклучок на политичките аналитичари со кои се консултиравме се вели дека иднината на регионот навистина лежи во соработката меѓу државите. Според нив, малите земји како нашите сѐ уште немаат конкретни модели на прекугранична соработка, која ќе се ефектуира на повеќе нивоа: од оној модел на соработка на локалните самоуправи, наречени еврорегиони, па до повисоките нивоа на регионална и државна соработка. Трансграничната соработка во рамките на еврорегионите (поврзување на локалните самоуправи), од нивното искуство функционира многу добро во областа на здравството, трговијата и стопанството, земјоделството, локалната инфраструктура… Но, најпрвин, апсолутен услов е посилните држави да се ослободат од анахрониот хегемонизам и нивните асимилаторски политики.
Соговорниците додаваат дека за време на пандемијата очигледен е фактот дека државите од Европа во првиот момент посветија најголема грижа самите за себе, а потоа, во втората фаза и во поширока смисла на Унијата. Искуството покажува дека само со заеднички, синхронизирани и координирани активности може поуспешно да ѝ се парира на каква било криза: здравствена, економска, па и безбедносна.
Водени од оваа логика, земјите на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, неминовно е во интерес на нивните граѓани да ги зближуваат релациите токму поради истите причини и цели. Но, за жал, калкулантството на некои од посилните балкански држави е препознатливо дури и во вакви моменти на добра волја на државите за искрена соработка, за амортизирање на кризата и понатамошен напредок.
Долгогодишниот политичар и поранешен гувернер на Народната банка, Петар Гошев во својот осврт на случувањата за „Нова Македонија“ вели дека, во поширок контекст на настаните предизвикани од здравствената криза со кои се соочуваат и Балканот и Европа, може да се каже дека таквите идеи, како мини-шенген, треба да ја зголемат ефикасноста на економијата, да ги воедначат правата на луѓето, да се издигне степенот на еднаквоста на луѓето, за да стигнеме до подобар живот на луѓето.
Гошев сепак додава дека тој „не вели дека оваа идеја не е добра и не е добредојдена во овој момент, меѓутоа не треба да се зема здраво за готово“.
– Имено, проблемот за мене во целиот контекст на овие најави е што потекнуваат од политички елити што се измамници и раководат со регионот. Тие во практиката едно зборуваат, а друго прават. За каков шенген зборуваат и за какво зближување, кога политиките што ги промовираат не личат на зближувачки туку на онакви што продлабочуваат раздор, заробени во минатото, во кои се препознава желба за доминација на просторот. Малиот шенген како идеја е промовиран во јавноста повеќе од една година, а сето тоа остана така, само со фотографии од државниците, без суштински да се доближат ставовите на земјите – вели Гошев.
Тој објаснува дека зближувањето за борбата со ковидот е добредојдено, ама истовремено треба да се спречат и штетните меѓудржавни политики на Балканот, како оние на релација Бугарија – Македонија, Србија – Босна, Србија – Косово, Србија – Црна Гора и Албанија со остатокот од земјите.
– Јас не разбирам како Вучиќ, на пример, ни ги нуди капацитетите на српските болници, кога истата недела во тамошната јавност навести дека вирусот го донел здравствениот систем до исцрпеност. Мене тоа ми нема логика. За мене, ова се мафијашки гарнитури, кои, за жал, се способни да произведуваат конфликти за да ја одржат својата власт, а не да ги сплотуваат луѓето за да се надмине кризата – истакнува Гошев.
Тој резимира дека иако идејата за мал шенген и соработка за време на пандемијата звучи добро, треба да бидеме многу внимателни во капацитетите на оние што ја прокламираат.
Политикологот Синиша Пекевски, пак, вели дека кога истовремено на Балканот се зборува за меѓусебна помош на државите во време на тешка економска и здравствена криза, не може на овој процес да му се дава негативен предзнак.
– Секоја помош во овој период е добредојдена, особено поради фактот дека доаѓа од соседите. Кога некој сосед нуди помош за надминување на здравствената криза, тоа ги анулира сите разлики што постојат на ниво на национален интерес меѓу Албанија, Македонија и Србија. Имено, практиката покажа дека европските држави повеќе се грижат за себе отколку за оние во регионот, па секое здружување на Балканот јас го гледам како позитивен импулс во овие времиња – вели Пекевски.
Според него, практиката досега ни покажала дека најголемата пречка на една земја во нејзиниот напредок може да дојде од соседството, како во случаите на Македонија со Грција и со Бугарија, за разлика од пречките наметнати од меѓународната заедница. Па, оттука, по таа филозофија, би требало да сфатиме и обратно, дека најдобрата помош може да дојде пред сѐ од соседите Србија и Албанија отколку од меѓународните фактори.