Фудбалскиот пазар последниве година-две доживеа вистински бум, се случија неколку трансфери над 100 милион евра. Летово се очекува да продолжи тој тренд, но, и покрај големата инфлаторна спирала, има само неколкумина фудбалери чии трансфери би изнесувале над оваа сума

Светското првенство (СП) во фудбал во Русија заврши, познат е првакот, познати се најдобрите фудбалери, стрелци, оние што блескаа и оние што не ги исполнија очекувањата. Сега е периодот на сумирање на впечатоците и на импресиите, но и подготовка на она што веројатно ќе следува во наредните триесетина дена, а тоа се милионските трансфери, можеби и над 100 милиони евра, во клубовите во петте најсилни лиги во Европа.
Прв повлече нога Португалецот Кристијано Роналдо, кој по девет успешни и богати со трофеи години си замина од Реал во Јувентус за 100 милиони евра. Оваа зделка за многумина е ризична за двете страни, како поради годините на Роналдо (33), така и поради финансиската исплатливост за „старата дама“. Но имајќи ги предвид посветеноста и гладот на Роналдо за фудбал, како и неговиот физикус, нема да биде изненадување доколку по неколку сезони овој трансфер се вбројува меѓу еден од најдобрите.

Сега сите ја очекуваат реакцијата на Реал во барањето замена за Роналдо, но и за Карим Бензема, па и за Герет Бејл, за кои се шпекулира дека е можно да си заминат. Кога е во прашање Реал, секогаш се во оптек енормни суми и рекордни трансфери, иако „кралскиот клуб“ неколкупати се огласи и најави дека ја менува стратегијата и оти повеќе нема да фрла многу пари за скапи засилувања. Тука некои работи секако ќе зависат и од визијата на новиот тренер Хулен Лопотеги, но во периодот на затишје во шпанските медиуми се шпекулира дека прва опција за Реал, како замена за Роналдо, е Белгиецот Еден Азар, напаѓачот на Челси, кој, според сегашните пазарни фудбалски вредности, „кралевите“ сигурно би ги чинел околу 150 милиони евра. Како потенцијални нови играчи на Реал се Бразилецот Нејмар и младиот 19-годишен Французин, Килијан Мбапе, двајцата фудбалери на ПСЖ. Имајќи предвид дека за нив двајца газдите на ПСЖ лани потрошија околу 400 милиони евра, евентуалната нова зделка би ги пробила сите плафони и би изнесувала над половина милијарда евра.
Фудбалскиот пазар последниве година-две доживеа вистински бум, се случија неколку трансфери над 100 милион евра. Летово се очекува да продолжи тој тренд, но, и покрај големата инфлаторна спирала, има само неколкумина фудбалери чии трансфери би изнесувале над оваа сума. Освен погоре наброените, можен трансфер над таа сума би бил оној на Французинот Пол Погба, играчот на Манчестер јунајтед. Тој пред две години замина од Јувентус за 105 милиони евра.

Во клубот „над 100 милиони“ би се вброиле уште неколкумина играчи, но кои најверојатно нема да бидат понудени на пазарот. Тоа се Хари Кејн, кој неодамна потпиша нов, шестгодишен договор, и Кристијан Ериксен, двајцата од Тотенхем, Мохамед Салах од Ливерпул, најдобриот играч и стрелец во Премиер-лигата, и Паоло Дибала од Јувентус. Тотенхем има големи планови, наесен се сели на новиот стадион и во клупските проекции за трка за титулата воопшто не се вклопуваат трансфери на најдобрите играчи. Салах, кој беше одличен лани и кого постојано го поврзуваат со Реал, вели дека му е повеќе од добро во Ливерпул и оти нема намера да мрда оттаму. Со овие играчи би се затворила листата на потенцијални големи милионски зделки, иако кога се во прашање фудбалските трансфери, ништо не треба да се смета како сигурно.
Од другите играчи чии имиња се споменуваат во контекст на промена на клупските бои, повеќемина, главно напаѓачи, се во зрели играчки години (околу 30) и тешко е дека некој за нив би издвоил 100 милиони, како за Роналдо на пример. Тоа важи за неговите клупски колеги Бензема и Бејл, за Роберт Левандовски (Баерн), за Гонзало Игуаин (Јувентус) и други. Покрај нив има неколкумина помлади но уште недокажани и покрај неоспорниот потенцијал. Тоа се Антони Марсијал (Манчестер Ј.), Алваро Мората (Челси), Кристијан Пулишиќ (Борусија Д.), Матео Ковачиќ (Реал)… 


И голманите се ближат до „стотката“

Квалитетните голмани од врвна класа по дефиниција се дефицитарни и, според правилата на пазарот, од година на година стануваат сѐ поскапи. Во најава има неколку летни голмански преселби вредни повеќе десетици милиони евра. Во оптек се имињата на Тибо Куртоа (од Челси во Атлетико или во Реал Мадрид), Давид де Хеа (Манчестер Ј. – Реал), Јан Облак (Атлетико – Манчестер Ј.) и на Алисон Бекер од Рома, за кого Ливерпул на Рома ѝ понудил 75 милиони евра. Тоа би бил најскапиот, рекорден голмански трансфер.
Дефанзивците не се вреднуваат како напаѓачите, но и тука работите полека се менуваат. Зимскиот рекорден трансфер на Холанѓанецот Вирџил ван Дајк од Саутемптон во Ливерпул за 85 милиони евра веројатно нема да биде урнат летово, но за очекување се неколку други скапи зделки. Во прв ред тоа се однесува на младиот, 22-годишен бек на француската селекција, член на Штутгарт, Бенжамин Павар, за кого се заинтересирани неколку премиерлигашки клуба. Баран е заинтересиран за центархалфот на Колумбија, Јери Мина, кој постигна три гола на СП 2018, сите со глава, кој не се вклопува во плановите на тренерот на Барса, Ернесто Валверде. Играчот на Лестер, Хари Мекгваер, одигра солидно на СП и лесно може да се случи летово да се пресели во некој од подобрите и побогати англиски клубови. Л.Д.