Озлогласениот севернокорејски диктатор Ким Јонг-ун на 10 октомври стана еден од малкумината лидери кои јавно пуштија солза додека му се извинуваа на сопствениот народ за тешкотиите кои ги претрпел годинава, пренесува „Си-ен-ен.
Ким Јонг-ун се извини на 75-тата годишнина од основањето на Работничката партија на Северна Кореја, а го обземаа емоциите кога им се заблагодаруваше на припадниците на армијата за нивната помош во справувањето со последиците од невремето кое ја погоди Северна Кореја летоска, како и за спречување на епидемијата на коронавирус.
Неговиот режим потоа ја прикажа напредната воена опрема, во која спаѓа и навидум една од најголемите балистички ракети на Земјата. Од говорот на Ким отсуствуваше вообичаената жестокост, а тој ниту еднаш не ги спомна ниту САД. Но извинувањето на Ким и емотивната пофалба на армијата не се толку чудни кога станува збор за севернокорејскиот лидер.
Во Северна Кореја тој е претставен како човек од народот, иако доаѓа од семејството кое се обожува со религиска посветеност. Ким постојано е во интеракција со народот на Северна Кореја во неговите обиколки, смешкајќи се покрај севернокорејските жители, понекогаш давајќи им и прегратки, што е потполна спротивност во однос на однесувањето на неговиот татко Ким Јонг-ил.
За разлика од неговиот татко, Ким е подготвен да го признае неуспехот за разни прашања, од лансирањето на сателити па до економските планови, како и да учи од сопствените грешки. Кога се зема предвид влијанието на ваквото однесување врз митот за неговото семејство, треба да се истакне дека тоа оди во прилог на имиџот на Ким како помодерен и прилагодлив лидер. Плачењето во јавност, сепак, е ниво на ранливост што Ким не го покажал досега.
– Тоа е политички стил. Тоа е вид на популизам за поврзување со јавноста. Да им се покаже на луѓето дека тој длабоко сочувствува со нивото страдање и дека се грижи – вели Џон Делури, професор на универзитетот „Јонсеи“.
Останува прашање дали јавноста во Северна Кореја верува во извинувањето.