Фото: Маја Јаневска-Илиева

Боите на „Нова Македонија“ ги бранеа Сања Јачевска, Радмила Заревска, Антонија Поповска и Гоце Цветаноски, кои настапија на полумаратонот

„НОВА МАКЕДОНИЈА“ И ГОДИНАВА УЧЕСТВУВАШЕ НА АТЛЕТСКАТА МАНИФЕСТАЦИЈА НИЗ УЛИЦИТЕ НА СКОПЈЕ

Четиричлената новинарска полумаратонска екипа на „Нова Македонија“, во состав Сања Јачевска, Радмила Заревска, Антонија Поповска и Гоце Цветаноски, ја продолжи повеќегодишната убава традиција на настапи на Скопскиот маратон, истрчувајќи ја делницата од 21 километар.
– Мислам дека како учесници со десетка го положивме испитот од спортска култура. Организацијата беше беспрекорна, енергијата што ја шири Скопскиот маратон не се споредува со ниту еден сличен настан. Убавината е во шармот, во духот на скопските улици и на расположението на учесниците. Јас сум презадоволна и поради фактот што забележав личен рекорд од 2,09 часа, иако тоа не ми беше примарно – вели Јачевска, која шести пат настапи на оваа манифестација, петти пат на полумаратонот.
Заревска, исто така, има со што да се пофали.

– Годинава бев побрза за 10 минути од лани кога дебитирав, иако времето беше доста спарно. Но издржав некако, презадоволна сум. Организацијата и атмосферата беа добри, како и секогаш – изјави Заревска.
И Поповска вторпат трчаше на делницата од 21 км.
– Временските услови не ни одеа во прилог, како што трчавме стануваше сѐ потопло. Имав пех, по 12-от километар почувствував болки во коленото, морав доста да забавам за да стигнам до целта. Атмосферата на скопските улици беше одлична, а многу ми значеше и поддршката од публиката – вели Поповска.
Единствениот претставник на „Нова Македонија“ во машка конкуренција, Цветаноски, е и најискусниот, со 10 настапи, сите на полумаратонот.

– Секоја трка е ново искуство и е ново осознавање. Годинава ми беше понапорно од лани и од некои други трки, бев малку побавен, но по пристигнувањето на целта задоволството и внатрешниот спокој тешко се опишуваат. Благодарност до сите учесници, до организаторите, до помагачите и до сите што на кој било начин придонесоа за одржувањето на овој голем настан – рече Цветаноски.