ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ ПОДГОТВЕНИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОВИД-19 И ГРИП
Има ли македонското здравство подготвени матични лекари, кои би можеле да бидат првата линија на која би се амортизирал ударот врз здравствениот систем од енормно зголемување на бројот на пациенти во периодот што следува, а во кој ќе се судрат коронавирусот и сезонските вируси на грип?
Дали најавените брзи тестови за ковид-19 ќе помогнат во зголемување на капацитетот за тестирање што повеќе луѓе?
Дали од досегашното искуство матичните лекари можат да бидат успешни во разликувањето грип од ковид-19?
Сите овие дилеми ги мачат граѓаните, кои стравуваат дека секоја настинка или покачена температура во есента и зимата може да се третира како сомнеж дека се позитивни на ковид-19. Стравуваат дали ќе можат, или не, да се тестираат преку јавното здравство, или ќе треба да плаќаат за приватен тест, кој чини и до четири илјади денари.
Венко Филипче, министерот за здравство, пред два дена најави дека со помош на Светската банка ќе набават најсовремени тестови, кои се ултрабрзи и кои ќе бидат дистрибуирани по болниците, здравствените домови, но не ја исклучи можноста такви тестови да добијат и матичните лекари.
– Тие тестови дават резултати за петнаесетина минути. Тоа значајно ќе ги смени сликата и достапноста до тестовите. Тешко е да се каже како ќе се справиме со сезонскиот грип и коронавирусот, зашто и светската стручна јавност се занимава овој период со тоа. Не може да предвидиме што ќе се случи, но ги подготвуваме капацитетите – рече Филипче.
Тој посочи дека на тој начин ќе се намали времето на чекање на резултатот.
За „Нова Македонија“ вчера Филипче прецизира дека очекува тестовите да пристигнат најдоцна за четири недели, како и дека ќе бидат бесплатни за пациентите.
– Приоритет за овие тестови ќе имаат болниците и секаде каде што е потребна брза дијагностика, а размислуваме и да бидат достапни и за матичните лекари, со што би се намалил притисокот кај пациентите во дијагностицирање грип и коронавирус – додава Филипче.
Сепак, матичните лекари сметаат дека секој лекар што ја познава историјата на пациентите ќе може да направи разлика меѓу симптомите на сезонски грип или коронавирус.
Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова вели дека овој период е типичен за сезонски настинки, а претстои и период што ќе биде типичен за сезонскиот грип, но дека на пациентите не треба да им се создаваат дополнителни стресови со тестирање на секој пациент што пројавил симптом на благо покачена температура или кашлица.
– Ќе видиме како ќе се одвива следниот период, но најбитно од сѐ е да не им создаваме психолошки стресови на луѓето и да не ги тераме на постојани тестирања – нагласува Чолакова-Дервишова.
Во просек, ако во еден ден се прават 1.350 теста, половина од тоа или околу 600 теста се прават во јавното здравство, а другите се на направени во приватните лаборатории.
Инаку, според странските медиуми, тестовите за ковид-19 што даваат резултати на самото место од 15 до 30 минути наскоро ќе бидат презентирани низ светот. Најновиот изум може да спаси илјадници животи и да ја забави пандемијата во сиромашните и во богатите земји.
Светската здравствена организација (СЗО) ќе обезбеди околу 120 милиони брзи дијагностички тестови во следните шест месеци, а нивната цена ќе биде максимум околу четири евра (пет долари).
Тестовите, кои изгледаат како тест за бременост, со две сини линии прикажани позитивно, ќе ги толкува здравствен работник. Од почетокот на пандемијата, вчера беше забележан уште еден рекорд на новозаразени, кој достигна 225 лица, при што почина шестмина.
Од почетокот на пандемијата, во земјава има 18.363 ковид-дијагностицирани пациенти и 749 смртни случаи, кои настанале како последица од ковид-19.