Белград – Во Србија веќе нема да има ниту една туристичка агенција со лиценца за организирање патувања. Бидејќи осигурителните компании не сакаат да издаваат полиси за осигурување поради наводен висок ризик, агенциите автоматски го губат правото за обновување на лиценцата. Во Србија има 480 организатори на патувања, а властите со години посочуваа дека е преголем бројот на оние што се занимаваат со тој бизнис. („Новости“)
Љубљана – Националното собрание на Словенија донесе закон со кој се забранува работата на продавниците во недела и на државни празници.
Продавниците со продажен простор до 200 квадратни метри на бензински пумпи, гранични премини, пристаништа, аеродроми, железнички и автобуски станици и болници се изземени од забраната. Исто така, во недела и на државни празници ќе можат да работат и помали продавници со површина до 200 квадратни метри само ако во тие денови клиентите ги опслужуваат сопствениците или нивните претставници, но и ученици и пензионери. („Дневник“)
Атина – Од почетокот на летната сезоната во Грција се потврдени 1.405 случаи на ковид-19 кај странски државјани. Албанските државјани и понатаму се први на листата странски посетители во Грција со најголем број потврдени случаи на ковид-19 во периодот од 1 јули до 27 септември, според официјалните податоци од Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција.
Најголемиот број заразени лица, 1.034, се регистрирани на аеродромите, 343 на копнените граници, а 28 на пристаништата. (РСЕ)
Бисер балкански
Палми и соништа
– Просечната заработувачка во Белград за јули е за 24 отсто повеќе од државниот просек. Сите други региони се под просекот. Некогаш богатата Војводина денес бележи пет отсто пониска плата од просекот. Многу места во Војводина се за 20 и повеќе проценти под просекот. На сето тоа Белград сади палми, а остатокот од Србија полека се гасне – рече Александар Мартон, портпарол на Лигата за социјалдемократија на Војводина.
Српскиот претседател Александар Вучиќ неделава го посети градилиштето на „Белград на вода“, за што изрази задоволство од тоа што престолнината на Србија „станува не само европска, туку и светска метропола“.
– Ова е остварување на соништата – рече Вучиќ.