Писмата на претседателот Пендаровски и на премиерот Заев до вселенскиот патријарх Вартоломеј со заеднички именител
Има ли координација меѓу клучните и највисоки институции на нашата држава во делот од обраќањата на претседателот Стево Пендаровски и на премиерот Зоран Заев до вселенскиот патријарх Вартоломеј или е само коинциденција со временска разлика од три дена? Имено, откако претседателот Пендаровски побара Вартоломеј да го искористи апелациското право за признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија како автокефална црква, премиерот Заев завчера во писмо на патријархот Вартоломеј му ја посочи и главната причина зошто МПЦ треба да добие автокефалност, а тоа е канонското право на црковна слобода и самостојност во рамките на границите на Македонија. Наредната дилема е дали, пак, меѓу државниот врв на Македонија и Вселенската патријаршија, сепак, претходно биле отворени канали на комуникација, а писмата на нашиот претседател и премиер се форма за финално започнување на процедурите за меѓународно признавање на автокефалноста на нашата црква? И какво мислење има за тоа МПЦ-ОА? Познавачите на состојбите велат дека во сево ова нема ништо случајно.
Релациите на православните цркви
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека испраќањето на двете писма се доказ дека нешто крупно се случува кога е во прашање решавањето на прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија.
– Искуствата покажуваат дека писмата и обраќањата од вакво тип се упатуваат во посебно определен момент. Какви ќе бидат нивниот ефект и резултат останува да се види. Мотивот за писмата на Пендаровски и на Заев треба да се бара и во регионален контекст, во тоа што се случува во релациите меѓу православните цркви. Видовме, Вселенската патријаршија е изложена на силен притисок на Турција и на Русија. Во џамии се претворени „Аја Софија“ и уште една стара црква што била музеј, Турција им дозволува на руски свештеници да држат обреди на турска територија, која е канонска јурисдикција на Вселенската патријаршија. Руска црква веќе најавува дека ќе формира свои верски заедници на турска територија со сонародници што потекнуваат од Русија. Сѐ е тоа стратегија за маргинализација на Вселенската патријаршија, чија главна цел е селење на центарот на православието од Цариград во Москва. Од друга страна, Српската православна црква е силно зајакната по случувањата во Црна Гора, таа го искористи прашањето и проблемот за сопственоста врз црковните имоти и стана фактор што менува и влади во своја вкупна стратегија за негирање на црногорскиот национален идентитет – посочува Ѓорѓевски.
Според него, не е за неочекување Српската црква да го постави и прашањето за сопственоста врз црковните имоти во Македонија.
– Со томосот од 2005 година, кој СПЦ ѝ го даде на автономната ПОА на Вранишкоски, таа ѝ „ги даде и сите движни и недвижни имоти на СПЦ“ во Македонија. Затоа нема да биде изненадување ако ова прашање и тука се актуализира. Поради сево ова, односно, агресијата на Вселенската патријаршија, стремежите на СПЦ во регионот, кои ќе се насочат и кон Македонија, мислам дека е потребен силен одговор на Вселенската патријаршија преку случајот на МПЦ – нагласува аналитичарот.
Владиката Тимотеј, одговорен за Дебарско-кичевската епархија при МПЦ и наедно портпарол на Синодот на МПЦ, вчера ја поздрави иницијативата на државниот врв да помогне во решавањето на црковното прашање.
– Синодот на МПЦ и државниот врв се на истиот став дека нашиот народ треба да биде во православно единство со другите православни цркви. Со поддршката од државниот врв се покажува дека не се бара само од една страна признавање на МПЦ, туку од повеќе страни. Во скоро време Синодот ќе одржи седница на која ќе се разгледува ова прашање – посочи владиката Тимотеј.
Поддршка од државниот врв
Премиерот Заев во писмо до цариградскиот патријарх вели дека православниот народ во нашата земја заслужува црковна независност и автокефална МПЦ-ОА со благослов и писмена одлука од цариградскиот патријарх Вартоломеј.
Премиерот во писмото се навраќа на средбата во Истанбул, на која беше побарана негова асистенција и заложба МПЦ-ОА да биде признаена како автокефална црква и да биде примена во заедницата на помесните православни цркви.
– Го почитуваме сето она што е одредено од меѓународните договори и состојби. Но бараме да бидеме слободни и црковно во рамките на границите на нашата земја и нашите архијереи да сослужуваат со архијереите од сите православни цркви во светот – се вели во писмото на премиерот Заев.
Во писмото се истакнува дека православниот народ во нашата земја заслужува црковна независност, која ја сонува веќе цел еден век и дека очекува да ја види МПЦ признаена како автокефална, со благослов и со писмена одлука од првиот меѓу Христовите архијереи на земјата, цариградскиот патријарх Вартоломеј.
Претседателот Стево Пендаровски на 16 септември годинава испрати писмо до вселенскиот патријарх, во кое бара патријархот да го употреби своето апелациско право, со што македонските граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите други православни христијани во светот.