ФУДБАЛ
Англиската фудбалска Премиер-лига соопшти дека ќе ги одложи тест-настаните со гледачи, по одлуката на Владата на Велика Британија да го ограничи бројот на гледачи на 1.000. Со почетокот на новата сезона викендов, се претпоставуваше дека гледачите ќе можат да бидат вратени на стадионите, под строги здравствени протоколи, од 1 октомври, но тоа сега изгледа малку веројатно, пишува „Ројтерс“.
Натпреварите во Премиер-лигата се играат без гледачи откако минатата сезона продолжи во јуни по пауза од три месеци, предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
– Со тест-настаните ограничени на 1.000 гледачи веруваме дека тие нема да дадат можност за правилно тестирање и процена на мерките дизајнирани за да се зголеми безбедноста на гледачите. Затоа, клубовите од Премиер-лигата ќе го одложат одржувањето на тест-настаните додека не им биде дозволен доволен број гледачи. Со 1.000 гледачи не само што ќе има малку што да научиме од тест-настанот туку и секој натпревар ќе има загуби – се вели во соопштението на премиерлигашите до Владата, пренесува „Ројтерс“.
Претходно шефот на Премиер-лигата Ричард Мастерс изјави дека е „апсолутно важно“ да се вратат гледачите. Тој предвиде дека 20-те клуба ќе изгубат вкупно 700 милиони фунти, ако сезонава на гледачите им биде забранет влез на стадионите. Брајтон дозволи присуство на 2.500 гледачи на нивниот претсезонски пријателски меч со Челси и во Премиер-лигата веруваат дека клубовите се подготвени да обезбедат безбедна средина.
– Нашите клубови веќе подготвија настани за тестирање и можат да понудат испитувања од поголем обем за да докажат дека е можно да се има биобезбедна средина, што беше докажано преку успешното доставување на „Проектот рестарт“ – пишува во соопштението, пренесе „Ројтерс“.