На „Септемврискиот коњички турнир“ и на 2-то коло од Отвореното првенство на Македонија во прескокнување пречки, таа повторно беше најуспешна со две победи (класа Ц и Б) и со едно второ место (класа Б)

КОЊИЧКИ СПОРТ

Младата членка на КК Процес, Меланија Атанасовска (15), продолжува со своето шоу во коњичките натпревари во прескокнување пречки. По „Августовскиот коњички турнир“ и првото коло на Отвореното првенство на Македонија за годинава (оствари две победи и две втори места), таа изминатава сабота повторно доминираше со грлата Дон и Калатус. На „Септемврискиот коњички турнир“ и на 2-коло од Отвореното првенство на Македонија во прескокнување пречки, таа беше најуспешна со две победи (класа Ц и Б) и со едно второ место (класа Б).
Меѓу најдобропласираните тројца по двапати се најдоа Дарио Гроздановски (со по едно прво и второ место) и Елена Димитријова (двапати трета), а еднаш победи и Самир Реџепи.
Според календарот на Федерацијата за коњички спорт на Македонија, на програмата беа четири натпревари во прескокнување пречки (класи А, Б, Ц и Д), со висина од 0,80 до 1,15 м, кои беа во организација на КК Процес, а се одржаа во Маџари (Скопје). Вкупно треба да се одржат четири првенствени кола.