Од Јавното обвинителство информираат дека по реакциите на оштетената и на јавноста за изречената казна за случајот со сообраќајната несреќа во 2018 година кај „Млечен ресторан“ во Скопје, одлучиле по приемот на писмено изработената пресуда, да вложат жалба до Апелациониот суд.
Кривичниот суд на 4 септември изрече условна казна од две години за обвинетиот што преизвика лавина од реакции во јавноста.
Во соопштението од Јавното обвинителство прават краток осврт и потсетување на настанот во кој почина возач на мотоцикл, а тешко беше повредена и неговата сопруга, сопатничка на мотоциклот, која го загуби нероденото бебе.
Имено, Основното јавно обвинителство поднело обвинение против лице на возраст од 63 години, за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, за кое е предвидена затворска казна од 1 до 5 години.
Од обвинителството објаснуваат и дека во текот на претходната постапка, од страна на надлежниот јавен обвинител биле преземени сите потребни истражни дејствија.
– Обвинението се однесуваше на кривично дело извршено на 12. октомври 2018 година, кога обвинетиот управувал со возило ‘цитроен кросер’ по левата сообраќајна лента од улицата ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’ во насока од запад кон исток. Кога дошол на крстосницата со улица ‘Анкарска’, на која сообраќајот е регулиран со семафор, на вклучено зелено светло навлегол во лево за да се вклучи на коловозот на улица ‘Анкарска’, но тука постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па не го испочитувал поставениот сообраќаен знак – забрането свртување кон лево, го променил правецот на движење и свртел кон лево. Притоа, со предниот лев дел од возилото удрил во левото тркало од мотоциклот марка ‘Дукати’, сопственост и управуван од оштетениот, а на кој како сопатник била неговата сопруга. При сударот, возачот на мотоциклот се здобил со тешки повреди и бил хоспитализиран, но од тежината на повредите починал истиот ден. Со тешки повреди се здобила и неговата сопруга – потсетуваат од обвинителството на случајот.
Од таму истакнуваат дека од анализата на сите обезбедени докази, неспорно произлегува дека обвинетиот кривичното дело го сторил од небрежност, а не од умисла, бидејќи не направил сообраќаен пропуст кој би укажал на тоа дека свесно и сакајќи ја предизвикал штетната последица – на раскрсница навлегол на зелено светло и возилото не го управувал под дејство на алкохол.
Непосредно пред завршувањето на судската постапка, од страна на адвокатот на оштетените на јавниот обвинител кој го застапувал обвинението му била предадена нова медицинска документација која се однесувала на жената и нејзината бременост.
– По признанието на вина од страна на обвинетиот, јавниот обвинител детално направи анализа на сите околности во поглед на изборот на видот на кривична санкција и одмерување на истата, при што посебен акцент даде токму на состојбата во која била оштетената и штетните последици кои што настапиле од сообраќајната незгода – се објаснува во соопштението.