Софија – Со одлуката на Министерството за здравство на Бугарија од вчера не се бара негативен ПЦР-тест за коронавирус за српските граѓани, но тоа не важи за македонските граѓани, кои можат да влезат во Бугарија само со негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа. Наредбата дека патниците што пристигнуваат од Србија мора да бидат ставени во карантин е поништена. („Нетпрес“)

Загреб – Делови од Хрватска беа зафатени со драстична промена на времето. Во Загреб имаше дожд и пониски температури, а Далмација ја зафати силно невреме, со обилен дожд. Најлошо беше во Шибеник, каде што дождот предизвика поплави низ целиот град.
На некои места наврнаа и повеќе од 50 литри на квадратен метар. („Хина“)

Љубљана – На Кредарица, планински врв на Јулиските Алпи во Словенија, беше забележан првиот снег, поради движење на воздушната маса и продирање на постуден воздух од северот на Европа, соопшти тамошната метеоролошка служба. (МИА)


Бисер балкански

Проколната позиција

– Тоа е проколната позиција од причина што партиите што се на тоа место ги собираат гласовите на разочараните граѓани од ХДЗ и од СДП. Тие партии не се распаѓаа поради проколната позиција, туку поради тоа што брзо ќе се покажеше дека немаат осмислени политички цели, ни разработени идеи како да ги постигнат истите тие. Од друга страна, за цело време од предизборната кампања ми приоѓаа луѓе и ми велеа дека првпат нема да гласаат против, туку за. Политичарите и политиката во нашата земја се толку обоени од индивидуални или евентуално партиски интереси, така што ваквото отстапување од нормалата е исклучително воочлив и тоа е тоа по што се разликуваме од другите „трети“, а и од првите и другите партии – рече Ивана Кекин, од Нова левица во Хрватска, која е дел од блокот на зелени леви партии, кои на минатите парламентарните избори успеаја да влезат во хрватскиот парламент.