Живописна е нашата земја и има многу убавини и, за жал, голем дел од нив не се откриени, можеби и токму поради тоа што многумина летните задоволства ги бараа на туѓи плажи. „Нова Македонија“ пред некоја година со околу педесетина новинарски репортажи за многу убави краишта во земјава, со убави водопади, пештери, прекрасна и живописна природа и планински предели, направи обид преку пишаниот збор да им ги доближи на читателите убавините на татковината
Летувањето на море за многумина годинава остана само сон, кој можеби повторно ќе стане јаве откако ќе се спасиме од коронавирусот. Оние што беа навикнати на грчките плажи на Егејско Море или, пак, не можеа да се откажат од убавините на Јадранот останаа разочарани коментирајќи дека поради короната годинава нема одмор. Мал дел се решија за плажите во соседна Албанија, додека други, кои не се откажуваат од ставот дека одмор не е одмор доколку не се помине на плажа се упатија кон македонските езера. Охрид, нашиот бисер, секако, беше најзапоседнатото место. Токму таму се бараше и место повеќе во некој од хотелите за да се потроши добиениот ваучер од Владата наменет за летување на одредени категории граѓани.
Оние, пак, на кои навистина им се смачи од затворен простор поради работа од дома, но и од носењето маски на отворено за заштита од коронавирусот бараа начини како да се вратат на она претходното нормално и барем за време на годишниот одмор да си ја вратат слободата на движење и нормално функционирање на отворено. Токму тие се одлучија за селски туризам.
Некои престојуваа во етносела, а други бараа познати живописни села со убави манастирски конаци, пештери, водопади, чист воздух, бистра вода и чиста природа, додека трети се одлучија летото да го минат во своите родни села. Којзнае колкумина им се вратија на одамна заборавени села, на своите одамна затворени селски куќи и изгаснати огништа во нив пред многу години и со огромна љубопитност и возбуда го ставија клучот во влезните порти. Тоа е моментот што ќе го паметат засекогаш, како и оној кога запалиле свеќи за здравје во заборавените селски цркви со стари иконостаси, кои претставуваат огромно историско богатство затоа што опстоиле многу, многу години.
Сите оние што живеат во вителот на брзиот урбан живот дури сега велат дека сфатиле што значи да се напијат студена вода од селските чешми, од кои некогаш се црпел животот. И токму овие мигови и сите потоа убаво поминати денови во своите родни краиштата за многумина станаа незаборавни. Годинава наместо фотографии покрај море летните спомени се овековечија покрај недопрената природа во некое од многуте македонски села, кои со гордост се објавуваа на социјалните мрежи, додека други ги ставаа своите фотографии од годините пред оваа поминати на некои од морските плажи.
И тоа е она позитивното што се случи во ова време на корона. Оживеаја многу од селата, кои, за жал, останале дури без ниту еден свој жител. Ако порано дури и мариовците се прашувале кој пат води за Мариово, сега патот го научија и тие што не се од таму. Живописна е нашата земја и има многу убавини и, за жал, голем дел од нив не се откриени, можеби и токму поради тоа што многумина летните задоволства ги бараа на туѓи плажи и мориња.
„Нова Македонија“ пред некоја година со околу педесетина новинарски репортажи за многу убави краишта во земјава, со убави водопади, пештери, прекрасна и живописна природа и планински предели, направи обид преку пишаниот збор да им ги доближи на читателите убавините на татковината. И сега ако причина за откривањето на убавините на селата беше токму коронавирусот, тогаш само едно треба да се заклучи и да се знае, дури и тогаш кога ќе се спасиме од вирусот – потрагата по убавините на нашата татковина не треба да престане. И натаму во наредните лета зошто да не се поминат летните одмори во некое македонско село, наместо со сладолед, децата да се насладуваат со капини и да се разладуваат пиејќи компот од селските сливи, кои се еколошки чисти и незагадени. Има уште многу селски цркви и манастири да се посетат за да се почувствува духот на минатото кога одекнувале црковните камбани за празници или, пак, се случувале црковни венчавки и крштевки за кои во понекое село сѐ уште има кој да раскажува.
Годинава наместо фотографии покрај море летните спомени се овековечија покрај недопрената природа во некое од многуте македонски села. И тоа е она позитивното што се случи во ова време на корона. Оживеаја многу од селата, кои, за жал, останале дури без ниту еден свој жител. Ако порано дури и мариовците се прашувале кој пат води за Мариово, сега патот го научија и тие што не се од таму
Не попусто нашите иселеници доаѓаат секоја година прелетувајќи преку океани и мориња за да го почувствуваат мирисот на своите родни села, кои ги напуштиле многу одамна, а за жал годинава немаа можност да го искусат тоа задоволство. Тие и ден-денес остават донации да се изгради понекоја чешма или да се санираат селските цркви. Но ако поради коронавирусот тие беа спречени да дојдат, сите други можеа да откриваат уште многу убавини од својата татковина.
„Чудесна е мојата земја“ велеше познатиот актер Владо Јовановски во секоја од телевизиските епизоди за различни предели во Македонија. И навистина е така. Има уште многу што да се открива од земјава во која живееме. Тоа така треба и да продолжи.
А треба да продолжат и многу од општините по примерот и иницијативите на оние што дури и сега во ова време на корона-криза прават обиди за развој на туризмот. Иако со „тенки“ општински буџети, некои локални самоуправи веќе реализираат проекти што ќе привлечат повеќе посетители. Така, на пример, Општина Градско почна со реализација на проектот за модернизирање на туристичкиот комплекс „Езеро Подлес“. Модернизацијата на местото ќе придонесе тоа да стане модерен туристички комплекс. Езерото Подлес се наоѓа на планината Клепа, оддалечено е околу 14 километри од Градско. Општина Пехчево потпиша договор за реконструкција на Црнодолскиот Водопад на туристичката населба Равна Река. Станува збор за капитална инвестиција од 6 милиони и 200 илјади денари, со која ќе се збогати туристичката понуда во градот под планината Кадиица.
Но не само општините и државата треба да посвети многу повеќе внимание сите неоткриени убавини да бидат подостапни, како за домашните така и за странските туристи. Ако во сето позитивно на оваа тема додадена вредност се и парите што останаа во земјава наместо да се одлеат во други земји, тогаш нема двоумење зошто и по короната да не се летува дома.