Русија има намера во наредните неколку дена да ја објави комплетната документација за клиничките испитувања на новата вакцина против коронавирусот, изјави министерот за здравство на Руската Федерација, Михаил Мурашко.
Тој оцени дека критиките упатени против руската вакцина во голема мера се поврзани со фактот дека е неопходно да се има многу повеќе информации за испитувањето на вакцината, бидејќи не секој знае дека оваа вакцина е направена на платформа каде што веќе се имплементирани шест други производи.
Мурашко вели дека и покрај фактот дека вакцината е веќе пуштена, клиничките испитувања ќе продолжат и во иднина.
– Во наредните неколку дена ќе ја објавиме целосната документација за сите клинички испитувања – истакна тој.
Министерството за здравство на Русија ја регистрира првата вакцина во светот за превенција од новата инфекција предизвикана од коронавирусот, која ја изработи научноистражувачкиот институт „Гамалеј“, заедно со Рускиот фонд за директни инвестиции.
Министерот за здравство на Русија, Михаил Мурашко, најави дека вакцината ќе се произведува на две места – во центарот „Гамалеј“ и во компанијата „Бинофарм“. Рускиот претседател Владимир Путин, пак, истакна дека вакцината ги поминала сите потребни тестови и дека формира стабилен имунитет.
Русија нема да продава вакцини додека не обезбеди доволно за своите граѓани
Министерот за здравство на Руската Федерација, Михаил Мурашко, изјави дека досега се примени многу барања за набавка на новата руска вакцина против коронавирусот, меѓутоа Русија нема да ја продава додека не обезбеди доволен број вакцини за своите граѓани.
– Засега нема да ја продадеме вакцината во други земји. Цело време добиваме барања, но првенствено мора да обезбедиме доволен број вакцини за нашиот пазар. Процесот е започнат – изјави тој.
Според Мурашко, први во редот за вакцинирање ќе бидат оние што работат директно со пациенти, а веднаш потоа се оние најризичните групи граѓани.
Тој исто така рече дека производството веќе е започнато и дека првата вакцина ќе биде готова овој месец и додаде дека тој лично има намера да се вакцинира.