Во организација на ПК Вардар 2018 Скопје, а потпомогнат од Општина Крушево и повеќе спонзори, в недела, со почеток во 11 часот, првпат ќе се одржи пливачки маратон на Крушевско Езеро, кој ќе го носи името „Тоше Проески“.
Маратонот ќе биде дел од македонскиот Куп во далечинско пливање, кој годинава ќе се одржи по седми пат и истиот тој ќе биде според правилата на ФИНА и на ЛЕН.
Ќе се пливаат вкупно 2,5 км во три возрасни категории (12-14, 14-18 и постари), а ќе има и детска трка (под 12 год.) во должина од 800 метри. Патеката ќе биде поставена во форма на правоаголник, а натпреварувачите ќе пливаат кружно.
Покрај собирањето на потребните бодови за вкупен пласман, секој што ќе успее да ја заврши трката ќе добие медал, најдобрите ќе добијат посебни одличја, а ќе се делат маички и стоковни награди. На маратонот секој може да земе учество согласно правилата и пропозициите. Г.И.