Во текот на престојниот празничен викенд полицијата во Охрид ќе се преземе интензивни превентивни и други мерки со цел зачувување на стабилната безбедносна состојба.
Полициските службеници најавуваат дека ќе вршат засилени патролни служби во централното градско подрачје, во периферните делови, по плажите и на паркинг-просторите со цел спречување кражби на вредни предмети по крајбрежието или од паркирани автомобили. Контроли (самостојни, но и во соработка со пазарната инспекција) ќе се вршат и во угостителските објекти, а целта е доследна примена на безбедносно-хигиенските мерки за заштита од ковид-19, но и почитување на одредбите од Законот за угостителство и другите законски одредби.
Во сообраќајот ќе има физичко присуство на полициски службеници кои ќе го регулираат сообраќајот и ќе преземаат мерки за поголема сообраќајна безбедност. Полицијата апелира до граѓаните доследно да ги почитуваат безбедносно-хигиенските мерки, поставената сообраќајна сигнализација, но и да придонесат за стабилна состојба во областа на јавниот ред и мир.
За два дена казнети 216 лица кои биле без маска на плажа во Охрид
Во периодот од 28 до 30 јули, по плажите на охридското крајбрежје, во полициските контроли констатирани се 216 лица кои не носеле заштитна маска.
Како што информираат од полицијата, ним им се издадени прекршочни платни налози за сторен прекршок за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на заразната болест ковид-19. По овој основ, во Охрид во текот на јуни и јули изречени се вкупно 672 барања за поведување прекршочна постапка.
Според статистичките податоци на МВР, во изминатото деноноќие, на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници констатирале 94 прекршоци за неносење лична заштита на лицето (Охрид – 53 Струга – 16, Кичево – 19, Дебар – 6). Воедно, полициските службеници самостојно, но и во координација со Државниот пазарен инспекторат, извршиле 12 контроли врз угостителски и други објекти.
Во текот на јуни и јули 2020 година, во областа на јавниот ред и мир, во Охрид регистрирани се 34 прекршоци (јуни – 24, јули – 10) во кои, против 32 сторители, се поднесени 28 соодветни пријави.
Во областа на сообраќајот, во текот на јуни и јули 2020 година, во Охрид, регистрирани се вкупно 66 сообраќајни незгоди (јуни – 30, јули – 36) во кои, 41 лице (јуни – 17, јули – 24), се здобиле со лесни телесни повреди а 15 со тешки телесни повреди (јуни – 7, јули – 8). Притоа, значајно е што во двата месеца, нема сообраќајни незгоди со жртви.