Сосема е неприфатливо наши луѓе намерно или случајно да бидат цел или, пак, нашите улици, паркови и градови да бидат отпад за отров. Сега е време руската држава да истапи и да објасни што точно се случува, порача британскиот министер за внатрешни работи Саид Џавид по најновиот инцидент со труењето со нервниот отров „новичок“, каков што наводно беше употребен и при труењето на бившиот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка

Британските власти ја повикаа Русија да го објасни новото труење со нервниот отров „новичок“, откако две лица беа изложени на супстанцијата во Вилтшир. Станува збор за Џоан Старџис и Чарли Роули, кои биле пронајдени онесвестени, а се смета дека биле во допир со преостанати количества од „новичок“. Од друга страна, претставници на Кремљ порачаа дека таквите обвинувања се скандалозни и дека би било „вистинска лудост“ да се помисли дека Русија извела нов напад со нервен отров во Англија, и тоа во текот на Светското првенство во фудбал, кое се одржува токму во Русија, пренесуваат светските агенции.
– Колку е лудо тоа што мислат дека Русија ќе го употреби т.н. „новичок“ на средината од фудбалското првенство. Шоуто мора да продолжи – порача на Твитер постојаната руска мисија при Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ).


Руската реакција следува откако британскиот министер за внатрешни работи Саид Џавид ја повика Русија да го објасни труењето на двете лица во Вилтшир. Според него, нервниот отров што е употребен во најновото труење е ист како оној на кој во март беа изложени бившиот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Тие беа пронајдени без свест на една клупа во парк, во центарот на Салсбери.
– Сосема е неприфатливо наши луѓе намерно или случајно да бидат цел, или, пак, нашите улици, паркови и градови да бидат отпад за отров. Сега е време руската држава да истапи и да објасни што точно се случува – порача Џавид.
Старџис и Роули, двајцата британски граѓани, биле пронајдени во критична состојба во саботата вечер во нивниот дом во Ејмсбери, десетина километри од Салсбери, каде што во март беа отруени Скрипал и ќерка му Јулија.
– По проучувањето на примероците, можам да потврдам дека мажот и жената биле изложени на невролошката супстанција „новичок“, дефинирана како истата невропатска супстанција со која беа отруени Сергеј и Јулија Скрипал – изјави шефот на британското контраразузнавање Нил Басу.