Малкумина од српските возачи се подготвуваат за новите правила, а процените се дека сто илјади возила во Србија емитираат издувни гасови над дозволените еколошки граници
Србија
Повеќе од 100.000 возила во Србија нема да можат да ги поминат техничкиот преглед и регистрацијата кога на пети јули следната година ќе измине периодот на толеранција за недозволеното количество издувни гасови. Новиот и построг правилник за технички преглед стапи во сила пред две години и со него им се дава можност на сопствениците на возила и на станиците за технички преглед во период од три години да се приспособат на една од најстрогите еколошки мерки за контрола на емисијата на издувните гасови.
Малкумина од српските возачи се подготвуваат за новите правила, а процените се дека сто илјади возила емитираат издувни гасови над дозволените еколошки граници. Тоа значи дека сопственикот на секој 20-ти автомобил нема да може да го регистрира своето возило доколку не го отстрани овој „дефект“.
Претседателот на Асоцијацијата за технички прегледи, Владимир Маринковиќ, за весникот „Блиц“ вели дека најголеми проблеми ќе имаат сопствениците на увезени автомобили.
– Многу од тие возила немаат катализатор. Покрај тоа, старите возила мора да ги исполнат правилата за емисија на штетни гасови, кога тие возила биле нови. Тоа значи дека возило „југо“ мора да има емисија до 3,5 јаглен-моноксид, а над тоа нема да смее да биде во сообраќај – објаснува Маринковиќ.
Посебен проблем за дизел-возилата е ДПФ-делот, или филтерот за партикуларни честички што служат за прочистување на издувните гасови. Многу сопственици поради високите цени за замена го отстрануваат ДПФ, а често и увезените половни автомобили се продаваат без овој филтер, затоа што тој претходно е отстранет за да се искористат вредните метали во него.
Во пропишаниот рок проблем ќе имаат и некои од техничките станици што сѐ уште не преминале на работа според новиот правилник. Досега само 250 станици од вкупно 1.150 линии за технички преглед се приспособиле на новите услови. Така, мал број станици за технички преглед може да ги предупредат сопствениците на возила на евентуалниот проблем со издувните гасови.
Одреден број линии ќе престанат со работа до 5 јули следната година. Многу станици не можат да ги задоволат просторните услови, а реално се очекува од 500 до 700 да продолжат со работата, информираат од здружението
Новиот претседател на Српската асоцијација за увозници на возила и делови, Милан Белин, не е изненаден од големата бројка на возила што го загадуваат воздухот.
– Првите шест месеци од годинава се регистрирани вкупно 70.461 возило, од кои 31.483 автомобили се постари од 14 години, а 22.344 возила имаат меѓу 11 и 13 години. Значи, половина од регистрираните возила немаат ни употребна ни комерцијална вредност. Прашање е дали овие возила имаат исправен катализатор и како тој ќе се замени кога замената чини речиси колку набавната вредност на половниот автомобил од 1.500 до 2.000 евра – нагласува Белин.
Во сообраќајната полиција не размислуваат за промена на правилникот за технички преглед. Станиците за технички преглед во Србија беа задолжени да ги информираат сопствениците на возила колкава е вредноста на издувните гасови. Сопствениците на станиците за технички преглед се надеваат дека поради пандемијата на коронавирусот и економската криза во земјата ќе биде продолжен рокот до почетокот на 2022 година.