Европската комисија објави дека ќе предложи закон со кој ќе се обврзат мрежните платформи да детектираат и пријавуваат споделување на детска порнографија, и формирање на Европски центар за превенција и сузбивање на сексуална злоупотреба на деца.
– Злоупотребата на деца и сексуалната злоупотреба преку Интернет се застрашувачки кривични дела. Пандемијата на коронавирус го влоши проблемот. Денес, можам да соопштам дека ќе предложиме закон коj oд мрежните платформи ќе налага откривање и извештај за споделување на оваа нелегална содржина. Ќе размислиме и за формирање на нов Европски центар за спречување и сузбивање на сексуална злоупотреба на деца со цел да се одржи Европа во првите редови на борбата против злоупотребата – рече комесарот за внатрешни работи, Илва Јохансон.
Комесарот Јохансон и Маргаритис Шинас, потпретседател на Комисијата за унапредување на европскиот начин на живот, во петокот претставија три нови иницијативи за спроведување на стратегијата на Унијата за безбедност: стратегија на ЕУ за поефикасна борба против сексуалната злоупотреба на децата, нова агенда и акциски план на ЕУ за борба против дроги и акционен план на Унијата за контрола на трговијата со огнено оружје.
Јохансон предупреди за „експоненцијален раст“ на содржината со детска порнографија.
Две третини од оваа содржина доаѓаат од ЕУ, претежно од Холандија. Минатата година беа пријавени 725 илјади фотографии или видеа, додека во 2018 година се снимени 23 илјади.
– Во моментов, известувањето за ваква содржина е прашање на добра волја на оние кои се среќаваат со тоа, а следната година Комисијата ќе предложи закон со кој ќе се присилат дигиталните платформи и социјалните мрежи да откриваат, да известуваат и да ја отстранат таа содржина – рече Јохансон.
Комисијата проценува дека едно од пет деца во Европа е жртва на некаква форма на сексуално насилство.