Работодавците во Бугарија се соочуваат со најголемиот недостиг од кадри од 2011 година, според истражувањето на компанијата за човечки ресурси „Менпауер груп“, во која беа вклучени над 600 компании.
Вкупно 68 отсто од компаниите имаат тешкотии да ги полнат своите работни места. Најтешко на бугарскиот пазар на трудот е да се најдат добро обучени работници, инженери и возачи.
Иако нивото на невработеноста во Бугарија е ниско, сепак 38 отсто од работодавците како главен проблем го наведуваат недостигот од квалификувани кадри, потоа е недостигот од лица со одредени вештини (24 отсто) и со потребно искуство (11 отсто). Приближно 11 проценти од компаниите не можат да ги пополнат слободните позиции поради очекувањата на кандидатите за повисока плата од предложеното и недостигот од вештини како комуникација, тимска работа и решавање на проблеми (9 отсто).