„Левис“ ќе отпушта работници
Компанијата „Леви Штраус“ очекува да биде особено погодена во втората половина на годината, без оглед што продажбата на облека се подобри по отворањето на продавниците. Најпознатиот светски производител на џинс соопшти дека ќе укине околу 700 работни места или околу 15 отсто од работната сила во непроизводствените сегменти и надвор од малопродажбата, со што ќе заштеди 100 милиони долари годишно.
Соочувајќи се со привременото затворање на продавниците, компанијата се сврте кон онлајн продажбата, при што забележа раст на работење на интернет за 25 отсто во вториот квартал.
Сепак, акциите на компанијата со седиште во Сан Франциско од почетокот на годината загубиле околу четвртина од вредноста.
Нето-приходот во вториот квартал паднал за 62 отсто, на 497,5 милиони долари, но ги надмина очекувањата на аналитичарите од 485,5 милиони долари.
„Левис“ пријави нето-загуба во износ од 363,5 милиони долари во споредба со профитот од 28,2 милиони долари претходната година.
Пандемијата ги сруши азиските берзи
Индексите на азиските берзи ослабнаа поради новиот рекорден број лица заразени со ковид-19 во неколку американски држави, па инвеститорите се плашат од ново економско затворање и последиците врз профитите на компаниите.
Индексот на азиските акции, со исклучок на јапонските, во петокот се намали за 0,76 проценти. Во исто време, јапонскиот „Никеи“ ослабна 0,4 проценти, а австралискиот за 0,42 проценти. За првпат во текот на повеќе од една недела паднаа и цените на акциите на кинеските берзи, бидејќи инвеститорите се одлучија за добитни продажби откако индексите достигнаа рекорди за последните пет години.
На валутните пазари јенот се искачи на највисоко ниво за две недели во однос на американската валута, на 107 јени за долар. Побарувачката исто така ја зголеми цената на швајцарскиот франк, кој е блиску до највисокото ниво за шест недели од 1,0619 франк за долар. Еврото ослабе малку во однос на доларот, за 0,1 процент.
Сефови во подножјето на Алпите
Швајцарија најавува камени сводови во подножјето на Алпите за чување пари. Идејата доаѓа од претприемач во централна Швајцарија, а неговата идеја ја прифатила градежна компанија што на својата веб-страница веќе го рекламира проектот со слоганот „Вашата каса во цврста карпа, безбедно место за чување на финансиите и чувствителните податоци“.
Компанијата „Бруниг мегабезбедност“ планира да го искористи просторот внатре во планината, кој е со големина приближно на 10 фудбалски игралишта.
– Можеме и да го зголемиме просторот ако е потребно – рече членот на одборот Уго Шитенхелм.
Богатите луѓе во светот сè повеќе бараат безбедност, откако пандемијата предизвика и немири како во САД, така и во Хонгконг и во Лондон.