Њујорк денеска соопшти дека ќе ја отстрани статуата на 26-от американски претседател на САД, Теодор Рузвелт, од Менхетн поради неговите ставови кои се сметаат за колонијални и расистички.
Одлуката е донесена во време кога во САД се преиспитува расизмот по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд и се води расправа за спомениците што го слават робовладетелското наследство во земјата.
Бронзената статуа на Рузвелт, која 80 години ги поздравува посетителите на влезот на Природнонаучниот музеј го прикажува поранешниот претседател, кој беше гувернер на државата Њујорк пред да влезе во Белата куќа, седејќи на коњ со Африканец и Индијанец до него.
– Споменикот одамна е предмет на контроверзии заради неговата хиерархиска структура. Многумина од нас сметаат дека приказот на Африканците и Индијанците и нивната позиција на тој споменик се расистички – објаснува музејот во соопштение.
На веб-страницата на музејот се вели дека Рузвелт се сметал за прогресивен лик кој се залагал за заштита на животната средина, но и дека имал расистички погледи.
Еден од неговите потомци, Теодор Рузвелт IV, рекол дека ја поддржува одлуката за отстранување на споменикот.
Тој рекол дека споменикот не го претставува наследството на Рузвелт и дека е време да се отстрани.