Во еден извештај од 2017 година од неколку американски невладини организации се анализираат полициските буџети во поголемите градови во САД. Ажурираните податоци за 2020 година покажуваат дека американските полициски оддели сè уште добиваат огромни средства, во споредба со другите програми за развој на заедниците. Полициските буџети се високи и во 2020 година и се движат до 45 отсто од финансирањето на поголемите области на метрополите, пренесува „Статиста“.
Анализите покажуваат дека нивото на полициското финансирање се зголемило во сите градови наведени во 2017 година (за Минеаполис не се достапни податоци за 2020 година). Бројките за нови градови вклучени во анализата покажуваат дека се случиле некои реформи. Милвоки е споменат како пример во кој активистите издејствувале намалување на полицискиот буџет.
Сепак, истите трендови се очигледни како и во претходните години во повеќето поголеми градови. На пример, буџетот на њујоршката полиција од 5,6 милијарди долари претставува 7,7 отсто од општиот буџет за Њујорк. Учеството во општиот фонд е многу поголемо во другите градови како Лос Анџелес. Тамошната полиција има буџет за 2020 година од 1,7 милијарда долари и тој претставува повеќе од една четвртина од општиот фонд. Учеството е уште поголемо во Чикаго со 37 отсто, при што вкупниот полициски буџет е 1,68 милијарда долари. Во Минеаполис, градот во кој беше убиен Џорџ Флојд, полицискиот буџет претставува речиси 36 отсто од општиот буџет со вкупна вредност од 163 милиони долари.
Повеќе градови најавија крупни полициски реформи по протестите против расизмот и полициската бруталност. Американскиот претседател Доналд Трамп претстави низа полициски реформи, но не поддржа намалување на полициските буџети или расформирање на полициските оддели.