Од рестартирањето на Премиер-лигата, па до 11 јули 2021 година, предложениот датум за финалето на одложеното Европско првенство (ЕП) 2020, има 390 дена, период во кој некои играчи ќе имаат краток одмор

Прекинатите натпревари во англиската Премиер-лига продолжија но она што ги очекува играчите на 20-те клуба во блиска иднина, може да се оквалификува како вистински фудбалски маратон со невидена должина и со многу тешкотии, физички и психички, како никогаш порано.
Од рестартирањето на Премиер-лигата, па до 11 јули 2021 година, предложениот датум за финалето на одложеното Европско првенство (ЕП) 2020, има 390 дена, 13-месечен период во кој некои играчи ќе имаат краток, двонеделен одмор. Во Англија, играчите ги чекаат натпреварите во Премиер-лигата, во двата домашни купа, ФА и Карабао, во Лигата на шампионитe (ЛШ), во Лига Европа (ЛЕ) и во други меѓународни натпреварувања, објави ЕСПН.

– Ќе биде неверојатно тешко за играчите. Јас сум голем поборник за пауза на спортистите, како ментална така и физичка. Треба да се размислува и за работи како што се ризикот од повреди. Проблем е и тоа што претсезоната ќе биде скратена. Обично во летниот период фудбалерите имаат најмалку три недели целосно да се одморат, во Лос Анџелес, на Ибица или во Дубаи, но овој пат тоа ќе биде тешко изводливо – вели д-р Том Литл, спортски научник, кој соработува со Манчестер сити и со Барнли.

Сезоната 2020/2021, која треба да започне на 12 септември, ќе биде немилосрдна оти презакажаното ЕП 2020 нема да дозволи домашните лиги да се одолжат за летото 2021 г. Згора на тоа УЕФА планира наесен да се играат и мечевите во Лигата на нациите (ЛН), како и клупските натпреварувања, иако со подоцнежен датум за почеток.
Одржувањето на физичката, но и на психолошка кондиција и свежина е голем предизвик со кој ќе треба да се соочат играчите.

– Менталниот замор е фактор врз кој може да влијаат резултатите на теренот, како и тоа што се случува околу вас, во семејството, со пријателите. Фудбалерите не се роботи и потребна им е пауза како и на сите други. Притисокот да се игра постојано, за клубот или за земјата, долги 13 месеци, со мала пауза, не смее да се занемари, така што ќе следува тешка година за многу играчи – вели Кевин Килбејн, поранешен играч на Евертон и на Сандерленд и репрезентативец на Република Ирска на СП 2002.
Приспособувањето на барањата ќе биде клучно. Без разбирање за тоа што претстои, најдолгиот период за играње фудбал досега може да стане бескрајна битка на ментална и на физичка издржливост.