Судијката на случајот „Рекет“, Васка Николовска-Масевска, посочи дека од осудените Бојан Јовановски и Катица Јанева ќе биде конфискуван имот за да се надомести штетата што му е нанесена на Орце Камчев. Таа кажа дека имот ќе се конфискува и од членови на нивните семејства на кои им биле давани пари и предмети, а обвинетите ги прибавиле со сторување на кривичните дела за кои се осудени.
– Од обвинетата Катица Јанева се конфискуваат непосредната и посредна имотна корист прибавена со кривичното дело во износ од 50.000 евра стекнати со сторување на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Од сторителите ќе се конфискува друг имот кој одговара на вредноста на прибавената корист, која е остварена со сторување на кривичното дело. Имотната корист ќе се конфискува и од членовите на семејството на сторителите на кои е пренесена, а за кои е очигледно дека не дале надоместок кој одговара на надоместокот за прибавената имотна корист на двете лица, ако не докажат дека за предметот или имотот дал соодветен надоместок, кој одговара на вредноста на прибавената имотна корист – рече судијката Николовска-Масевска.
Таа додаде дека од Јанева и Јовановски ќе бидат одземени и предмети кои се употребени при сторување на кривичните дела.