ЕХФ потсети на тренинг-компензацијата за млади ракометари
Предвидената сума доаѓа како компензација за едукацијата на младите играчи и вложувањето во нив од аспект на едукација, работа, тренинзи, натпревари и како гест на награда на клубот што го создал играчот, односно валоризација за оние клубови што се стратегиски ориентирани кон остварување на концептот „расадник или инкубатор“ на млади играчи, што всушност е и темел за создавање силна национална лига и репрезентација
Европската ракометна федерација (ЕХФ) пред неколку дена со допис ги извести ракометите федерации за одлуката на извршниот комитет на ЕХФ за новите правила за трансфер меѓу федерациите и за промената на валутата за исплаќање на трансферите од швајцарски франци во евра.
Со својот допис ЕХФ, освен што ги потсети федерациите дека клубовите што продуцираат млади играчи имаат право на тренинг-компензација за играчите од 16 до 23 години при премин од еден во друг клуб во својата или во друга држава, таа од 1 јуни 2020 година ја зголеми оваа задолжителна сума од 3.106 на 3.315 евра по трансфер.
Предвидената сума доаѓа како компензација за едукацијата на младите играчи и вложувањето во нив од аспект на едукација, работа, тренинзи, натпревари и како гест на награда на клубот што го создал играчот.
Имено, сите барања за трансфери за аматерски и професионални играчи, доставени пред и до 30 јуни 2020 година, подлежат на претходните цени од 133 евра и 1.331 евро соодветно за ЕХФ и за националната федерација. Во однос на тренинг-компензацијата важи принципот до 30 јуни 2020 година, со кој национални федерации добиваат по 1.331 евро од играч, а клубовите 3.106 евра.
До новата уредба за сите барања за трансфери на аматерски и на професионални играчи, доставени на 1 јули и подоцна, ќе треба да им се платат 140 евра на ЕХФ и 1.420 евра на националната федерација, додека пак тренинг-компензацијата за трансфери од 1 јули 2020 па натаму ќе изнесува 1.420 евра за националните федерации и 3.315 евра за клубовите по играч.
Македонските суперлигаши сезонава реализираа неколку трансфери на млади играчи од еден клуб во друг, меѓу кои позвучни се преминот на Томислав Јагуриновски од Металург во Вардар, на Филип Арсеновски и Марио Танкоски од Металург во Еурофарм Пелистер, потоа Дејан Кукуловски од Вардар во Еурофарм Пелистер и др.