Дефектoт во компјутерскиот систем во Чиле доведе до пропуст на повеќе од 31.000 потврдени случаи на коронавирус, или речиси шестина од досегашниот вкупен број, изјавија здравствените власти.
Случаите откриени за време на прегледот на базите на податоци на Министерството за здравство беа потврдени кон средината на март, кога започна епидемијата во Чиле, соопштија властите.
– Откривме дека има значителен број луѓе кои не се информирани или чиј статус не е процесуиран – изјави д-р Рафаел Араос, член на стручниот комитет што ја советува владата, пренесува „Ројтерс“.
– Оваа група на непријавени случаи има позитивни тестови за PCR и затоа спаѓаат во потврдени случаи – рече Араос. Тоа се должи на големото зголемување на бројот на случаи, кои во просек ги имало над 5.000 на ден.
Чиле денес објави вкупно 184.449 инфекции и 3.383 смртни случаи од оваа болест. Дополнителните 31.412 случаи откриени од властите ќе бидат додадени во вкупниот збир на Чиле, рече Араос.
Јужна Америка стана нов епицентар на глобалната епидемија на коронавирусот , а особено тешко погодени се Чиле, Перу и Бразил. Чиле ја продолжи вонредната состојба за дополнителни 90 дена.