Во издание на „ВиГ Зеница“ се појави збирката раскази и новели насловена „Парадоксикон“, која е најнова книжевна творба на писателот Томислав Османли. Таа го носи поднасловот „Фантазии, очудувања, каприча, фарси и гротески, парадокси во проза“. „Парадоксикон“ на Османли се појавува како четиво со жестоки, книжевно впечатливи критички набои. Дванаесетте главно долги прози, без задршка шибаат по современата отуѓена стварност.
– Станува збор за книга чија појава силно ќе прозвучи во новото македонско литературно творештво – вели писателот и издавач Глигор Стојковски и додава дека авторот на „Парадоксикон“ ги открива гротескните и фантастични суштини на современото секојдневие соголувајќи ги актуелните начини на отуѓување. Книгата „Парадоксикон“ на Османли е критика што доаѓа како сила на отпорот, токму од спротивниот етички пол, од неотуѓениот и човекољубив морал на еден интегрален и интегриран карактерен и литературен идеал.