Префрлањето ракометри од младите категории во првиот тим, нешто што е еден вид традиција во Металург, доволно зборува за посветената работа на тренерите и на самите играчи. Сега се формира практично цела млада постава од играчи родени од 2000 до 2003 година, Серафимов, Младеновиќ, Додиќ, Мијатовиќ, Кондев, а сега и Тодески, Митиќ и Кофиловски, што е вистински одлична работа кога се зборува за иднината на клубот, вели Зоран Кастратовиќ, тренерот на Металург
Левиот бек Теодор Тодески (18 години, 198 см), пикерот Андреј Митиќ (20 г., 195 см) и левото крило Дарио Кофиловски (20 г., 181 см) се трите фиданки што сезонава расцветаа во ракометниот расадник на Металург и кои следната сезона ќе бидат дел од првиот тим, кој, покрај во домашното првенство, ќе настапува и во новоформираната Лига Европа.
Покрај интернационалните засилувања што Металург ги ангажира за следната сезона, тимот од Автокоманда секоја сезона своите редови ги освежува со неколку млади ракометри што се производ на посветената работа на тренерите во младите категории во клубот и создавачкиот концепт, кој повеќе години е препознатлив и заштитен знак на Металург.
– Префрлањето на тројца ракометри од младите категории во првиот тим, нешто што е еден вид традиција во Металург, доволно зборува за посветената работа на тренерите во клубот и на самите играчи. Со префрлањето на овие тројца млади ракометри во првиот тим, ќе се формира практично цела млада постава од играчи родени во генерациите од 2000 до 2003 година, што е вистински одлична работа кога се зборува за иднината на клубот. Во таа генерација се бековите Мартин Серафимов (2000-та), Михајло Младеновиќ (2000-та) и Стефан Додиќ (2003-та), голманот Предраг Мијатовиќ (2001-та), крилото Дарко Кондев (2001-та), а сега и Тодески, Митиќ и Кофиловски. Како и секогаш, пријателските натпревари во подготвителниот дел ќе бидат тест и шанса за секој од нив. Верувам дека ќе знаат да ја искористат шансата за уште поголем напредок и стекнување искуство од работата и од играњето со искусните првотимци интернационалци – вели Зоран Кастратовиќ, тренерот на Металург.
Во пресрет на новата ракометна сезона, Металург своите редови ги засили со интернационалците, левиот бек Момир Рниќ, десниот бек Никола Потиќ, пикерот Бранко Канкараш и десното крило Златко Хорват. Договорите ги продолжија голманот Даниел Дупјачанец, пикерот Милан Лазаревски и левото крило Милан Поповиќ, а важечки договори имаат десниот бек Мартин Серафимов, централниот бек Иракли Кбилашвили, левите бекови Маријан Мариќ, Стефан Додиќ и Михајло Младеновиќ, голманот Даниел Ѓорѓески, пикерот Лука Вујовиќ, левото крило Дарко Кондев, како и новаците во тимот левото крило Дарио Кофилоски, пикерот Андреј Митиќ и левиот бек Теодор Тодески.