Охрид
Во Охрид, по завршувањето на продолжениот викенд, почна дезинфекција на сите јавни површини во градот. Се дезинфицираа улиците во централното градско подрачје, градскиот кеј и чаршијата. Како што информираат надлежните од општината, дезинфекцијата на јавните површини што почна вчера ќе продолжи интензивно и во текот на наредниот период.
– Во согласност со препораките на кризниот штаб на Општина Охрид за превенција од коронавирусот, екипите на ЈП „Охридски комуналец“ извршија дезинфекција на јавните површини во градот во текот на вчерашниот ден. Со средство за дезинфекција се изврши миење на улиците во централното градско подрачје, градскиот кеј и чаршијата, а дезинфекцијата ќе продолжи и наредниве денови – информираат од Општина Охрид.