Ниту во овој карантински продолжен викенд не изостанаа политичките и здравствените реплики и натегања околу состојбата во земјава. И покрај континуираниот раст на бројот на новозаболени во земјава, посебен интерес викендов, но и грст реакции предизвика барањето што го лансира првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, дека дошло време за албански премиер. Тој успеа, среде пандемија, главниот фокус повторно да го насочи кон теснопартиските интереси и желби.
Во меѓувреме, во исчекување на новите одлуки од Комисијата за заразни болести во насока на заострување или олабавување на мерките за сузбивање на пандемијата, викендов продолжија политичките расправања меѓу партиите и меѓусебно обвинување за лицемерство.
По големата фама што се направи во медиумите за присуството на претседателот на ВМРО, Христијан Мицковски, во внатрешниот дел на една од скопските кафеани, тој се обидуваше да се одбрани со тврдењето дека поради честото менување на одредбите не знаел дека не смее да се престојува во затворени објекти. Сепак, за СДСМ овој потег беше знак за лажна загриженост на Христијан Мицковски и истакнаа дека за овој пропуст тој треба да одговара.
Во текот на викендов претставниците на ВМРО во неколку наврати истакнаа дека бројките со новозаразени од ковид-19 се катастрофални и дека состојбата е загрижувачка и алармантна. Тие посочија дека власта не се грижи за граѓаните и носи небулозни мерки, од кои нема корист, поради што истакнаа дека однесувањето на владините претставници е лицемерно.